Директорката на „Козле“ конечно е разрешена
Контроверзната директорка на детската болница „Козле“ е разрешена од страна на министерот за здравство Арбен Таравари. Прв оваа информација ја објави „Слободен печат“ од извори во болницата. Потоа веста ја потврди преку соопштение Министерството за здравство.
За време на директорувањето на Каролина Симоновска меѓучовечките несогласувања во болницата се закануваа да ја нарушат работата на оваа специјализирана установа. Се случи и распаѓањето на бронхоскопскиот оддел.
Врв на сѐ беше кога Симоновска им „забрани“ на медиумите да го споменуваат нејзиното име, заканувајќи се доколку некој новинар ја спомене без нејзина дозвола ќе преземе законски мерки. Таква постапка немало во независна Македонија, а и во таа пред тгоа. Изгледа дека тоа конечно ја прели чашата, па министерот Таравари се реши на единствениот чекор на кој се чекаше подолго време.
За нова директорка е поставена професорката Катерина Бошковска.
„Проф. д-р Катерина Бошковска, која над дваесет години е дел од тимот на оваа установа е новиот директор на Клиниката за респираторни болести Козле. Д-р Бошковска е супспецијалист по педијатриска пулмологија и во последните пет години има објавено голем број научни трудови. Министерството се заблагодарува за досегашниот ангажман на претходната директорка, д-р Каролина Симоновска“, стои во соопштението на Министерство за здравство.