Дино Имери со концерт „Зимска бајка“ во Филхармонија
На 10 декември во 20 часот, во камерната сала на Филхармонија, пијанистот Дино
Имери ќе одржи концерт со наслов „Зимска Бајка“. Концертот е всушност
збогатување на празничната атмосфера и одлична можност за подигнување на
новогодишното расположение.
Концертот симболично ќе започне со делото „Декември“ од Петар Илич
Чајковски а ќе продолжи со Фрагменти од „Оревокршачка“. Потоа на концертот
ќе биде изведено делото на Сергеј Рахмањинов „Прелудиум во g-moll„, Франц
Лист – „Унгарска Рапсодија бр.2„, Јохан Штраус помладиот со неговата „ТричТрач Полка„ и „Ла Валс„ на Морис Равел.
– Искрено и длабоко верувам дека генијалната музика на големите автори кои ќе бидат дел од програмата ќе ги стопли срцата на сите присутни и барем за миг заедно ќе ја пронајдеме магијата и мистеријата на зимата. Со радост и нетрпение ја очекувам средбата со мојата домашна публика, непосредно пред моите настапи во неколку европски престолнини, изјави маестро Имери.
Дино Имери (1990) е еден од најреномираните македонски пијанисти.
Настапувал со огромен успех со Стразбуршка Филхармонија, Софиска
Филхармонија, Македонска Филхармонија, Симфониски и Камерен Оркестар на
ФМУ, Македонска Опера и Балет, Камерен Оркестар на Музичка Младина на
Македонија. Рецитално настапувал на престижни сцени низ цела Европа меѓу
кои и „Ватрослав Лисински“ – Загреб, Палата „Естерхази“ и „Лист-Центрум“ во
Австрија, „Пијано Плаж Фестивал“ во Франција, Фестивал Охридско Лето,
Скопско Лето, Интерфест – Битола и др.
Добитник на голем број награди и признанија, Имери бележи и бројни
домашни и меѓународни дискографски изданија, а од Декември 2018 г. се
стекнува со звање Доцент и предава повеќе предмети на Факултетот за Музичка
Уметност во Скопје.
Влезниците можат да се набават преку продажната мрежа на Купи Карти За Се, Југотон како и онлајн на www.kupikartizase.com.