Димитров од Љубљана: Ако нема преговори ќе нема ни кредибилитет на ЕУ


Ако нема придвижување во пристапниот процес ќе биде многу тешко Европската Унија да го зачува кредибилитетот во регионот на Западен Балкан после толку многу одложувања, изјави денеска во Љубљана вицепремиерот за европски прашања Никола Димитров на заедничката прес-конференција со шефот на словенечката дипломатија Анже Логар.

Димитров потсети дека оваа година земјава одбележува две децении од потпишувањето на Договорот за стабилизација и асоцијација со ЕУ во 2001, и оти 16 години сме земја со статус кандидат за членство.

-Го решивме проблемот со Грција, чекавме на новата методологија за да се зајакне довербата во пристапниот процес и пред нас сега е овој, се надевам последен предизвик со нашите комшии од соседна Софија, рече Димитров.

Вицепремиерот посочи дека нашата стратегија се темели на три столба – разговор и наоѓање заемно достоинствено и европско разбирање со Бугарија, потоа реформи дома, при што го информираше Логар дека Владата ја усвои Агенда Европа дома насочена кон конкретни реформски активности на повеќе надлежни институции фокусирани на првиот кластер од новата методологија  Основи, бидејќи, рече тој, и целта на пристапниот процес е воведување на европските стандарди дома.

-И третиот столб е помош и поддршка од нашите пријатели како што е Словенија, оваа година за неколку месеци ќе почне и словенечкото претседателство со Советот на ЕУ од 1 јули и јас му честитав на Анже, кој ме информираше за приоритетите на словенечкото претседателство каде, меѓудругото, покрај здравствената ситуација и безбедноста во информатичкиот простор ќе се најде и нашиот регион, додаде Димитров.

Вицепремиерот заклучи дека за нас Словенија е еден од најважните пријатели и оти оваа година е стратешки клучна за нашиот регион на Западен Балкан во однос на кредибилноста и опипливоста на европската перспектива

Шефот на словенечката дипломатија Логар рече дека со Димитров имале продуктивен разговор чија тема било пристапувањето на Македонија во ЕУ и она што Словенија ќе го стави на агендата за време на нејзиното претседавање со Унијата.

-Реформите за Северна Македонија се значајни и таа има поддршка за почеток на преговорите за членство кон ЕУ. Неформалната средба на врвот на ЕУ со државите од Западен Балкан секако ќе биде показател за тоа, рече Логар.

Словенечкиот министер додаде дека со Димитров разговарале за почеток на преговорите на Северна Македонија за членство во ЕУ, како и за самите реформи што треба државата да ги забрза, истакнувајќи дека Словенија и натаму ќе продолжи да дава поддршка за почеток на преговорите со ЕУ.

Логар исто така информираше дека она што ќе биде значајно за време на претседавањето на Словенија ќе биде конференцијата за иднината на Европа во широка смисла, а меѓу приоритетите ќе бидат здравствената криза, здравствената грижа и кибер безбедноста, што ќе бидат две главни теми на претседавањето на Словенија.