Димитриеска-Кочоска: Банкарскиот сектор во земјата е стабилен, законската регулатива е строга


Банкарскиот сектор во земјата е стабилен и регулиран со најстроги закони. Ова го истакна министерката за финансии Гордана Димитриеска-Кочоска во гостување во Централниот дневник на МРТ.

„Банкарскиот сектор во Република Македонија е стабилен и ова не е првпат да го зборувам. Ова е резултат на едно долгогодишно искуство и работење во банкарскиот сектор. Законите во Македонија се најстроги кога станува збор за овој дел или финансискиот систем целокупно, посебно банкарскиот би го издвоила. И тука морам да кажам не само законските регулативи, туку и подзаконските прописи што ги пропишува Народната банка, но исто така и процедурите интерни што ги имаат банките се многу строги“, рече министерката.

Таа потенцираше дека банкарскиот систем е стабилен, дека состојбата со Алта банка има речиси незначителено учетво во целиот банкарски сектор, но легитимна е загриженоста на клиентите.

„Ако вие сте клиент на Банката во овој момент нормално е дека сте загрижени затоа што платата не сте ја добиле или пари имате во Банката. И сега администрацијата на Народната банка воведува одредени ограничувања и легитимно е правото на граѓаните да бидат загрижени. Но мора да бидеме сигурни во системот, да  веруваме во системот и надлежната институција која веќе работи таму и да веруваме дека состојбата ќе биде под контрола. Дотолку повеќе што ова не е резултат на проблеми коишто ги имаше Банката во Македонија, туку ова е резултат на тоа што се случува во матичната би рекла компанија сопственик на Банката во Македонија, тоа е банката во Србија. Оттаму почнуваат проблемите така што Банката во Македонија доаѓа во состојба да нема сопственик, односно се менуваат ситуациите таму и тука настануваат проблемите“, појасни министерката.

Порача да оставиме на надлежната институција – Народната банка да ги спроведува активностите согласно подзаконските акти и да ги следиме состојбите.

Според министерката важно е дека го имаме Фондот за осигурување депозити, преку кој во крајна линија доколку има потреба ќе се обесштетат депонентите во банката. При то изрази уверување дека до таква ситуација не би требало да дојде.

Во интервјуто се осврна на Предлог-ббџетот за 2027 година, во кој што како што истакна најпрво е предвидено да ги задоволи законските обврски и понатаму да ја има  развојната компонента. Исто така наведе дека вработените во сите институции ќе добијат повисоки плати како резултат на порастот на минималната плата, а во одредени сектори и врз основа на потпишани колективни договори.