Јавна расправа за Нацрт-националната стратегија за туризам 2027 – 2032


Фото: Б. Грданоски

Во Музејот на македонската борба утре (26 ноември), со почеток во 10 часот, ќе се одржи јавна расправа за Нацрт-националната стратегија за туризам 2027 – 2032.

На јавната расправа ќе се обратат министерот за култура и туризам, Седат Сулејмани, и амбасадорот на Швајцарија во Северна Македонија, Кристоф Зомер, по што Нацрт-националната стратегија ќе ја презентира проф. д-р Сашо Коруновски од Факултетот за туризам и угостителство од Охрид, Универзитет „Климент Охридски“ – Битола.

Во рамките на јавната расправа ќе бидат презентирани стратегиските цели, приоритетните области, предложените мерки и Акцискиот план за развој на туризмот во земјава.

Јавната расправа претставува завршна фаза од консултативниот процес за подготовка на Стратегијата, во чии рамки се очекува активно учество на претставници на: институциите, општините, туристичкиот сектор, академската заедница и граѓанските организации.

Стратегијата има цел да поттикне развој на препознатлива, конкурентна и одржлива туристичка дестинација, со квалитетна туристичка понуда во текот на целата година и поголема економска корист за локалните заедници во сите региони.