Потпишана Скопска декларација за поголемо учество на жените во енергетската дипломатија
Скопска декларација за поголемо учество на жените во енергетската дипломатија е потпишана денеска на Првиот форум за енергетска дипломатија „Обновливи извори на енергија и жените во енергетиката”.
– Од Скопје денеска испраќаме порака за дипломатијата што поврзува, за партнерствата што траат и за заедничка одговорност кон иднината. Енергетската дипломатија ни дава можност нашите интереси да ги претвориме во заеднички цели, а нашите цели во конкретни резултати, истакна министерката за енергетика, Сања Божиновска пред потпишувањето на декларацијата.

Како што рече, иднината на енергетиката не може да се обликува без жените што имаат знаење, искуство и храброст да водат.
– Жените треба да ги поставуваат приоритетите, да ги водат преговорите, да ги градат партнерствата и да преземаат одговорност за резултатите. Не зборуваме само за застапеност, зборуваме за влијание. Кога во одлучувањето учествуваат повеќе жени, институциите се зајакнуваат со дополнителни знаења и компетенции, а одлуките се носат со повеќе искуство и различни гледишта. Наша обврска е да го отвориме патот за следната генерација: инженерки, експертки и лидерки, потенцира министерката.
Според неа, Скопската декларација ја потврдува заедничката определба за енергетска безбедност, одржлива транзиција и женско лидерство.

-Со поддршка на канцеларијата на Обединетите нации, UNDP, Економската комисија на Обединетите нации за Европа, сакаме мрежата на жени во енергетската дипломатија да стане место за соработка, менторство и професионален развој. Вредноста на декларацијата ќе се види во иницијативите што ќе произлезат од неа, во партнерствата што ќе ги изградиме и во можностите што ќе ги отвориме за жените да учествуваат во стратешките договори, рече Божиновска.
Таа се осврна и на обновливите извори.
-За да произведуваме повеќе енергија од сонце и ветер, треба да вложуваме и во мрежите што ќе ја пренесат таа енергија до потрошувачите. Затоа, денес ќе разговараме и за тоа како зеленото финансирање може да им помогне на домаќинствата, на малите компании да вложат во обновливи извори и во енергетска ефикасност, посочи Божиновска.

На форумот присуствуваат над 200 домашни и странски гости, високи владини претставници, меѓународни организации, финансиски институции, претставници од дипломатската заедница и приватниот сектор.
Министерката изрази надеж дека од форумот ќе произлезат нови иницијативи, трајни сојузништва со жените како рамноправни учеснички во преговорите и во обликувањето на енергетската иднина.