Димитар Ковачевски на почетокот на април ќе оди во Грција


 

Премиерот Димитар Ковачевски на почетокот на април ќе патува на Економскиот форум Делфи во Грција заедно со повеќечлена македонска делегација. Форумот, кој ќе се одржи од 6 до 9 април, е едно од најпрестижните места за политичари, економисти, бизнисмени и мислители на Балканот.

Според најавата на организаторите, Ковачевски ќе биде и говорник на форумот. Заедно со него во македонската делгација, како што е досега потврдено, ќе бидат и министрите Фатмир Бесими (финансии), Крешник Бектеши (економија), Фатмир Битиќи (вицепремиер за економски прашања), Бујар Османи (надворешни работи).

Во импресивната листа на гости, кои ќе расправаат на темата „Нови реалности“ поврзана со руската инвазија на Украина и новиот економски и геополитички поредок, се целокупната политичка елита на Грција, повеќемина еврокомесари, а и бугарскиот премиер Кирил Петков. Во Делфи ќе бидат и двајца дипломати директно поврзани за регионов: Габриел Ескобар, заменик-помошник на американскиот државен секретар, и Мирослав Лајчак, претставник на ЕУ.