ДИК одобри акредитации за меѓународни и домашни организации за набљудување на локалните избори


Фото: Б. Грданоски

Државната изборна комисија (ДИК) попладнево во рамки на 140- седница донесе одлука за одобрување акредитации за меѓународни и домашни организации за набљудување на локалните избори закажани за 19 октомври.

За Амбасадата на Кралството на Холандија беа одобрени 10 набљудувачи, за Здружението Планинарски спортски клуб „Кап-Струга“ од Струга – девет члена, за Националниот совет за родова рамноправност – осум члена, за Институтот за соработка и развој-Франција – еден набљудувач, за Меѓународната фондација за изборни системи Вашингтон-САД подружница во Северна Македонија – седум члена и за набљудувачката мисија на ОДИХР-Канцеларија за демократски институции и човекови права – седум лица.

 

-Врз ова овластување ќе бидат издадени беџови кои на акредитираните набљудувачи ќе им послужат како идентификација. Секој овластен акредитиран набљудувач мора да го почитува кодексот за правила за набљудување на изборите и изборната постапка донесена од Државната изборна комисија, истакна членката на ДИК, Светлана Карапетрова.

До ДИК беа доставени пет приговори за лично избирачко право, односно кои се однесуваат на правото на проверка на граѓаните за нивните податоци во Избирачкиот список. Сите пет приговори беа одбиени од членовите на ДИК. Првиот приговор беше одбиен како неоснован откако по извршената проверка ДИК утврдила дека лицето е запишано во изводот од Избирачкиот список. Вториот приговор беше одбиен затоа што лицето нема пријавено последно живеалиште во Македонија како услов за да биде запишано во Избирачкиот список. Третиот приговор беше одбиен затоа што ДИК утврдиле дека лицето е малолетно и не ги исполнува условите да биде запишано во Избирачкиот список. Четвртиот приговор беше одбиен затоа што ДИК утврди дека лицето е уредно запишано во Избирачкиот список. И последниот петти приговор беше одбиен затоа што лицето кое го поднел приговорот според личните документи нема пријавено последно живеалиште во Македонија како услов за да биде запишано во Избирачкиот список.

Претседателот на ДИК, Борис Кондарко информира дека лицата може да проверат на веб-страницата на ДИК за избирачкото место и на сите лица ќе им бидат доставени одлуките по електронска пошта на личната е-маил адреса.