Дијалогот и компромисот се клуч за решавање на конфликтите, рече Заев во Атина

„Дијалгот, дипломатијата, прифаќањето на аргументите на другиот и компромисот и понатаму остануваат единствените средства за разумно решавање на конфликтите“, со оваа порака поранешниот премиер Зоран Заев им се обрати на учесниците на конференцијата на „Економист“, која што се одржува во грчкиот главен град Атина.
Заев истакна дека настанот на „Економист“ се одржува во сенката на заканите на неколку воени и кризни жаришта во светот, како што се војната во Украина, екстремно кризната ситуација во Израел и ситуацијата на северот на Косово, и дека „вистинските одговори на сите овие прашања треба да ги дадат умерените и прогресивните сили во светот. Потребно е тие решенија и одговори да ги имаме колку што е можно побргу за да им се одземе иницијативата на радикалите и екстремните популисти“.
На форумот на „Економист“ Заев се обрати на панелот „Продлабочување на солидарноста: Како Европа да излезе посилна од актуелните геополитички превирања“, на која свои видувања презентираа и поранешната спикерката на претставничкиот дом на Конгресот на САД Ненси Пелоси, премиерот на Косово Албин Курти, поранешната премиерка на Украина Јулија Тимошенко, поранешниот претседател на Ерменија Армен Саркисјан и Дора Бакојани, пратеничка во грчкиот парламент и поранешна министерка за надворешни работи на Грција.
„Од регионална перспектива, повеќе пати се уверивме дека Договорот од Преспа е вистински пример за моќта на дипломатијата и дијалогот. Тоа е корисен пример за многу други отворени прашања“, рече Заев.
Тој додаде дека за да се постигнат договори кои носат мир и стабилност потребни се верба дека проблемите можат да се решат и јасна визија, но и издржливост и упорност.
„Како и актуелните конфликти сега, и со војната во Украина, и на Косово, како и во Израел и Палестина, и Договорот од Преспа имаше за цел да го надмине минатото исполнето со недоверба и да постави основа, темели, за да градиме заедничка иднина“ рече Заев.
Договорот од Преспа беше постигнат низ дијалог, со разбирање и подготвеност за компромис од двете страни, посочи Заев на форумот на Економист во Атина.
„Решението беше најдено низ дијалог, меѓусебно разбирање и со подготвеност за компромис од двете страни. Северна Македонија стана членка на НАТО, а Преспанскиот договор нѐ донесе чекор поблизу до Европската Унија. Преговорите за членство се во тек“ рече Заев.
Тој додаде дека со поранешниот грчки премиер Алексис Ципрас прифатиле дека нема да ги избегнуваат тешките прашања, туку ќе се соочат со нив за да најдат решение.