Дигитализација за студентите да не трчаат по шалтери – задоцнета е, но ќе биде


Дигитализацијата во високото образование за жал е малку задоцнета. Но, ќе биде приоритет во иднина, со цел подобри услуги за студентите и осовременување на предавањата. Ова денеска го истакна министерката за образование и наука Весна Јаневска во изјава за медиуми, пред почетокот на конференцијата за дигитализација на високото образование, што се одржува попладнево на Факултетот за електротехника и информациски технологии, во ИНОФЕИТ –  Скопје.

Министерката додаде дека оваа Влада е посветена на дигиталната трансформација, што е неопходна. 

– Владата формира и Министерство за дигитална трансформација, бидејќи тоа е еден од приоритетите. Сите студенти ќе добијат ваучери за да им се овозможи пристап до новата технологија. Ваквите состаноци се исклучително корисни и Министерството ќе биде партнер на оние, кои сакаат да се вклучат во позитивните промени на државата, подвлече министерката. 

На новинарско прашање, таа одговори дека различно се дигитализирани универзитетите, но, различни се и состојбите по факултети. Цел ќе биде, нагласи таа, тоа да се унифицира. 

– Според моите сознанија, универзитетот во Штип е во напредна фаза, рече министерката.

Запрашана околу извештајот за Тетовскиот универзитет, каде биле констатирани прекршоци од Инспекторатот, таа одговори дека тоа е точно и оти тоа ќе биде јавно објавено, останувал уште мал дел од процедурата, што завршувал, утврдени биле неколку неправилности.  

Бленди Ходаи од Форум за образовни промени рече дека дигитализацијата не треба да е луксуз, туку неопходност за студентите.

– Дигитализацијата на државните универзитети не треба да биде луксуз, туку е неопходност за сите студенти да не трчаат по шалтери и да не чекаат предолго за бирократски работи, како потврда за редовен студент. Во светот, тоа може да се направи со еден клик. Овој настан ќе придонесе за идентификување на сите проблеми со што универзитетите се соочуваат, ќе се изготви документ и ќе се бара забрзување на процесот на дигитализација на државните универзитети. Студентите имаат многу проблеми, чекањето по шалтери не треба да биде еден од тие проблеми, дециден беше Ходаи.

Притоа, Ходаи нагласи дека на студентите на државните универзитети воопшто не им треба фитнес карта, бидејќи, наместо тоа, тие трчаат по професори да земат потпис, оценка, индекс, чекаат во редици на шалтер.

Александар Николовски, претседавач на Националното студентско тело и претседател на Студентското собрание на УКИМ, рече дека што се однесува до УКИМ, од овој семестар дигитализирале два обрасци, за упис и за заверка на семестар. Тековно работеле со Државниот завод за статистика за уште три документи да бидат дигитализирани, од следниот семестар уште три, потврдата за редовен студент, уверението за упис и уште еден образец. Од Министерството побарале да се промени правилникот што утврдувал дека индексот мора да биде во книжна форма.

Конференцијата е во организација на Форумот за образовни промени, Институтот за добро управување и евроатлантски перспективи и Асоцијацијата за младинско зајакнување.

– Настанот има за цел да ги обедини ректорите на сите државни универзитети, претставници од Комисијата за образование и наука при Собранието на Република Северна Македонија, пратеници на Клубот за млади пратеници, како и други релевантни засегнати страни, со цел заеднички да бидат разгледани предизвиците со што се соочува процесот на дигитализација на државните универзитети и развивање конкретни препораки за забрзување на истиот во нашата земја, беше појаснето пред почетокот на конференцијата.