Девет од 18-те обвинети криминалци биле уапсени во време на СДСМ


Панче Тошковски (Фото: Б. Грданоски)

СДСМ ја нарече „китење со туѓи перја“ акцијата на МВР за пресметка со криминалните структури во земјата, тврдејќи дека таа е започната уште во 2023, како што кажал и самиот Панче Тошковски.

„Тоа не е никаква акција која тој самиот или оваа Влада ја направиле, туку е акција која е наследена и целосно разработена. Потоа, од 18 лица кои се опфатени во истрагата како што вели Тошковски, девет се веќе во затвор. Еден од тие кои се во затвор беше помилуван од Силјановска,натите 9 а 5 им се во бегство. Добро е Тошковски и ВМРО-ДПМНЕ да престанатат да мислат дека светот започнал со нив“, порачаа од СДСМ.

Од партијата изразија и разочарување од конфузијата направена од Тошковски во јавноста  во однос на екс премиерот Димитар Ковачевски, за кого  Јавното обивинителство се уште нема оформено предмет, а е осуден во јавноста. Според СДСМ ова е најава за политички реваншизам на ВМРО-ДПМНЕ најавен и со масовната партизација на институциите.

„. Според ЈО станува збор за сосема друг период и друг случај кој очигледно е различен од овој на Груби и Бајрами. Тошковски со своите изјави очигледно намерно се обиде да го вметне и Ковачевски со Груби и Бајрами во истиот предмет. Тоа е она што го прави ВМРО-ДПМНЕ, политичко етикетирање преку институциите на прогонот. Но, ова не треба да не чуди затоа што ВМРО-ДПМНЕ подготвува терен за политички реаншизам од првиот ден. Се врши страшна партизација на клучните безбедносни и правосудни институции. За само шест месеци имаме целосно поклопување и преземање на АНБ, масовна партизација во полицијата и назначување на партиски членови на  ВМРО-ДПМНЕ во независниот граѓански надзор на комуникациите. Имаме поставување на судија во Судскиот совет која е сопруга на градоначалник на ВМРО-ДПМНЕ и уште еден кој е братучед на Изет Меџити. Ова јасно укажува дека ВМРО-ДПМНЕ со оваа партизација ќе води и партиски истраги и хајки против поранешни функционери“, оценуваат од СДСМ.

Од оваа партија порачуваат дека ги поддржуваат сите независни и професионални истраги против било кои поранешни и сегашни функционери, но надлежните институции да ги извршат своите обврски непристрасно и темелно, со што ќе се открие вистината.

„Потсетуваме дека секој функционер, без разлика на својата позиција или партиска припадност, има право на правична постапка и се смета за невин сè додека не се докаже спротивното. Секој обид за политизација или предвремена јавна осуда за лицата опфатени во истрагите ги поткопува принципите на правдата и одговорноста. Ги повикуваме сите засегнати страни, вклучително и медиумите, да го почитуваат истражниот процес и пресумпцијата на невиноста“, реагираат од СДСМ.