За 2-3 години просечната бруто-плата во зоните ќе надмине 1.000 евра, вели Деспотовски

Целта на новата методологија е како да стигнеме до инвестиции со повисок квалитет кој што за нас подразбира поголеми приходи во буџетот, повеќе работни места и многу подобро платени работни места, вели првиот човек на Дирекцијата на ТИРЗ


Поголема државна помош за компаниите кои ќе придонесуваат повеќе во државниот буџет, ќе отвораат повеќе работни места и ќе обезбедуваат поголеми плати за вработените, најави денеска  Јован Деспотовски, директор на Дирекцијата на за Технолошко-индустриските развојни зони, на панелот кој се одржа заедно со Советот на странски инвеститори на тема „Иницијатива за изработка на нова методологија за државна поддршка за поттикнување на инвестиции“.

„Нашите цели се да обезбедиме многу поголеми приходи во Буџетот. Нивото на приходи во Буџетот од инвестициите во рамки на зоните во 2020 година е некаде околу 40 милиони евра, а наша цел е до 2024 година нивото на овие приходи да достигне 100 милиони евра. Тоа се и повеќе средства за проекти во делот на здравството, во образованието… “, рече Деспотовски.

Тој нагласи дека целта е да растат и платите.

„Јас очекувам дека во 2021 година просечната плата во рамки на зоните веќе ќе ја надмине просечната плата во рамки на економијата. Меѓутоа таа мора да расте и понатаму, така што целта ни е во наредните две до три години просечната бруто плата во зоните да го надмине нивото од 1.000 евра“, рече Деспотовски.

Тој појасни дека на денешниот панел беше инициран процес кој ќе овозможи нов квалитет во односите со инвеститорите во државата, како домашните така и странските.

„Станува збор за нова методологија на поттикнување на инвестиции. Целта на методологијата е како да стигнеме до инвестиции со повисок квалитет кој што за нас подразбира поголеми приходи во буџетот, повеќе работни места и многу подобро платени работни места“, рече Деспотовски.

Новиот пристап се работи заедно со Советот на странски инвеститори бидејќи, како што појасни, тие имаат искуство во овој сегмент, како и дека сакаат да го слушнат нивното мислење, како и да се продолжи со пристапот кој што беше воведен минатата година, а тој е во соработка со деловната заедница да се работи на вакви клучни алатки во процесот кој што треба да помогне да се стигне и до подобри правила на доделување на државната помош и до подинамична државна поддршка за оние инвеститори од кои што државата ќе има поголем интерес.

Виктор Мизо, претседател на Асоцијацијата на странски компании со технолошко напредно производство истакна дека овие правила треба да се однесуваат на идните инвестиции, а не на постојните.

„Врз основа на она што ќе го разговараме денеска и во наредните три-четири месеци, ќе креираме формулација, а тоа ќе ни е важно и нам за да видиме што и како да планираме за во иднина“, рече Мизо.

Тој додаде дека за инвестициите кои што се веќе присутни тука не значи изменување на правилата или нивна адаптација, но дека било важно усогласувањето на царините.

„Од денес сме целосно конкурентни со земјите од Западна Европа или Европската унија, што го овозможи усогласувањето на упатството. Нормално, очекуваме во следниот период да навлеземе кон уште подобро усогласување со меѓународните правила и прописи и она што го кажавме, регионалниот пристап на помагање на компаниите кои инвестираат надвор од главниот град. Бидејќи, никаде во Европа индустријата не е лоцирана во главниот град. За жал кај нас тоа е случај“, рече Мизо.

Тој нагласи дека треба да се стремиме кон она што е нормалниот тренд во Европа – најголем број од компаниите да се лоцирани надвор од главниот град, додека во главниот град да се повеќе сервисно ориентирани индустрии или друг вид активности со додадена вредност.

„Индустријата секогаш треба да биде надвор од главниот град за да успееме луѓето кои што живеат во тие градови во внатрешноста на земјата да останат таму, да работат и да имаат соодветни работни места“, рече Мизо.

Деспотовски вели дека не се изготвуваат нови стратегии и нови закони бидејќи не треба да се губи време со тоа, туку целта е преку многу конкретни и практични алатки во рамки на регулативата која што веќе постои, да се зацврсти пристапот дека сите инвеститори во државата имаат исти правила, меѓутоа државата ќе даде подинамична поддршка за оние инвеститори каде што ќе има поголеми плати.

Одговарајќи на прашања на новинарите Деспотовски рече дека контролата на државата околу доделувањето државна помош веќе е зајакната минатата година со ревидирано упатство за подобни инвестициски трошоци во кое што се воведени јасни и прецизни правила на игра.

„Дополнително, минатата година воведовме и надворешна контрола на барањата за исплата на државната помош од страна на компаниите. Во моментов соработуваме со ПрасјвотерхаусКуперс, кој исто така дава извештај, видување за барањата кои што ги доставуваат компаниите. Така што државниот, јавниот интерес е целосно заштитен во тој сегмент. Целта е средствата со кои што располагаме да ги насочиме кон поддршка на инвестициски проекти кои што имаат повисок квалитет. Под повисок квалитет подразбираме поголеми приходи во Буџетот, повеќе работни места и повисоки плати“, рече Деспотовски.

Во буџетот на Дирекцијата, односно за договорите кои што таа ги управува, оваа година има околу 20 милиони евра наменети за поддршка на компаниите кои што работат во ТИРЗ. (М.Ј.)