Дескоска: Катица не е проблемот за новиот закон за обвинителство
Донесувањето на законот за обвинителство ќе биде посебен предизвик затоа што гласови и поддршка треба да добиеме од лица кои се осомничени или обвинети за кривични дел или од политички партии против чии членови на раководства се водат судски постапки. Камен на сопнување во преговорите со опозицијата воопшто не е Катица Јанева, бидејќи нејзиниот мандат истекува на 15 септември. Со Бојан Јовановски сум се видела само двапати и тоа на отворањето на 1ТВ и на нејзиниот прв роденден. Доколку не постигнеме договор со ВМРО-ДПМНЕ за законот за обвинителство или не успееме да обезбедиме двотретинско мнозинство во Собранието, разгледуваме и други опции како да се продолжи битката за правда.
Ова се само дел од поентите во интервјуто за „Независен весник“ на министерката за правда, Рената Дескоска.
Изминатиот период ги слушнавме точките по кои опозицијата не се согласува со законот подготвен од владата. Тука пред сѐ, се мисли на делот од текстот на законот што предвидува специјалната обвинителка Катица Јанева автоматски да биде префрлена во новоформираното Обвинителство за гонење организиран криминал и висока корупција, а таму да се пресели и целиот тим и капацитет на СЈО. Дали сега, по избивањето на аферата „Рекет“, тој дел ви се чини како соодветен?
-Каменот на сопнување во текот на преговорите за законот е барањето за затворање на постапките кои се почнати од СЈО по периодот од првите 18 месеци и уништувањето на дотогаш собраните докази. Тоа е клучното прашање за кое има непомирливи разлики. Другите прашања се прашања за кои има мегдан за разговор. При тоа мора да се води сметка дека ова не е и не треба да се закон кој решава персонални прашања, туку принципи. Јас во текот на разговорите, но и во интервјуа во текот на преговорите јасно кажав дека камен на сопнување не е Катица Јанева. Битни се принципите кои треба да се усвојат во законот, а не личните интереси или судири. Со оглед на тоа што новиот закон предвидува дека двете обвинителства – за организиран криминал и СЈО се спојуваат логично е дека сите обвинители чиј мандат трае и сите вработени од двете обвинителства да преминат во новото обвинителство. Катица Јанева не влегува во тој пакет, бидејќи нејзе мандатот и истекува на 15 септември. Но, кога зборуваме за конкретни личности, без оглед дали се обвинители или вработени во обвинителствата, мора да бидеме свесни дека доколку се докаже нивна кривична одговорност, тие со судска одлука би биле отстранети од своите работни места, без оглед каде законот предвидува дека би ја продолжиле нивната кариера. До донесување на судската одлука останува пресумпцијата на невиност.
(Целосното интервју ќе го објавиме во утрешното четврточно издание на весникот)
Горан Адамовски