Фон дер Лајен дочекана со аплаузи, тропања и извици за предавници

Тонот на собранискиот пренос беше исклучен кога пратениците се спротивставија со извици на зборовите на Дер Лајен, која на крајот беше поздравена со аплаузи од една и тропања од друга страна


Претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, беше дочекана бурно во македонското Собрание додека ги уверуваше пратениците дека македонскиот јазик е наш јазик и дека одлуката што треба да ја направиме е одлучувачка за нашата иднина.

„Конечно сме на прагот на одлучувачки чекор во евроинтеграцијата. Покажавте витален капацитет да го промените вашето општество, воспоставивте пример за човековите права, имате слободни медиуми, имате енергично граѓанско општество, вие сте успешен модел за мултиетничко општество. Го избравте патот на мирот место на конфликтот“, рече Лајен цитирајќи го поранешниот претседател Борис Трајковски кој рекол дека сака да биде претседател на сите граѓани  без оглед на нивната етничка и партиска припадност и дека нема да дозволи меѓуетничката омраза да ја поткопа стабилноста на државата. 

Многумина ќе бидат разбирливо фрустрирани што вашата држава сѐ уште не ги започна претпристапните преговори,. И јас сум. ЕК препорачува преговори последните 17 години и се разбира сте фрустирани што тоа не се случи веднаш по Договорот од Преспа. Но никогаш не се откажавте. Заедно ќе го претвориме овој сон во реалност“, рече Дер Лајен. 

Таа порача дека мора да го свртиме погледот напред и да ја искористиме можноста што е пред нас, да го изодиме пат што нѐ води во ЕУ.

„Тоа може да го направиме веќе следната седмица. Овој предлог ги штити вашите интереси и ги зема во предвид грижите на сите страни. Бидете уверени дека ЕК е секогаш на ваша страна,  ќе биде таму и утре и задутре.Убедени сме дека ова е од историско значење, но одлуката е ваша. На крајот на краиштата, станува збор за патот што вие го избравте“, рече Дер Лајен. 

 

Фото: Б. Грданоски

Таа уверуваше дека доколку го одобриме ревидираниот француски предлог следните неколку денови ќе се одржи меѓувладината конференција  и ЕК ведаш ќе почне со скрининг процесот. „Ќе ни биде драго да го пречекаме вашиот преговарачки тим во Брисел и да почнеме да работиме заедно“, порача претседателката на ЕК. 

Но, без оглед колку и да се трудеше, нејзиниот говор беше прекинуван со извици „предавници“ , со свирежи и со тропања на маса, иако од другата страна имаше и силни аплаузи. 

Очекувано, на тоа Дер Лајен одговори со пораката дека ова е демократија и дека, како и во секоја демократија, ги слуша спротивните аргументи, па им се заблагодари на тие што реагираа. 

 

Фото: Б. Грданоски

„Ја слушам загриженоста за македонскиот  јазик и идентитетот. Нема сомнеж дека македонскиот јазик е ваш јазик“, рече Дер Лајен, додавајќи дека нема сомнеж исто така дека и во ревидираниот француски предлог тој е именуван токму така. Таа порача исто така дека билатералните и историските прашања не се услов во пристапните преговорите со ЕУ, а измените на Уставот ќе го зајакнат нашето општество, а наедно со нив ќе ја завршиме почетната фаза од преговорите без дополнителни одлуки во ЕУ. На крајот ги поздрави пратениците со македонско „благодарам“.   

„Почитувани Македонци, внимателно ја слушав загриженоста во однос на македонскиот јазик и идентитетот. Нема сомнеж дека македонскиот јазик е ваш јазик и ние целосно го почитуваме тоа. Затоа во ревидираниот предлог стои македонски јазик без квалификација од ЕУ.  Принципот на самоидентификација е особено важен за секој од нас. Може да сметате на мене како претседател на ЕК дека ќе осигурам процесот за пристапување строго да ги почитува европските принципи и стандарди, нагласи Фон Дер Лајен.

„Некои велат, продолжи таа, би било подобро да се чека подобар договор од тој што го претстави Франција и секако дека тоа е ваше право да го направите.Но, размислете колку упорно се обидувавме да стигнеме до овде преку последователни претседателства Германија, Португалија, Словенија и сега Франција. Ве охрабрувам да ја искористите оваа можност“.

Со отворањето на оваа врата, според Фон дер Лајен, сега Северна Македонија се зајакнува себеси со тоа што е во преговарачкиот процес наместо надвор од преговарачкиот процес.

Од Левица по седницата реагираа што нивниот театар не беше покажан преку камерите а извикувањата беа „цензурирани“.Како што соопштија самите, Димитир Апасиев со свирежи го прекинал говорот и оставил транспарент со наслов„Македонија вели НЕ“.

Од СДСМ по обраќањето на Лајен оценија дека таа со „јасни и недвосмислени изјави“ ги потврдила фактите и ги разбила сите лаги на антиевропската коалиција на Христијан Мицкоски и Димитар Апасиев.

„Пред Собранието денеска е важна одлука за иднината на државата и продолжување на европскиот пат. Македонци со македонски јазик во ЕУ, Собранието треба да го продолжи европскиот пат!„, порачаа од СДСМ.