Денови на претстави од независна продукција во Драмски од 11 до 20 септември

Традиционално Драмски театар Скопје својата поддршка на уметниците од независната продукција ја изразува со отстапувањето на сцената за играње на нивните најнови претстави.
Проект „Денови на претстави од независната продукција“ ќе се одржи од 11 до 20 септември 2025 година. По направената селекција на апликациите за претставите пристигнати на Јавниот повик, Драмски ќе ги отстапи за гостување сцената „Ристо Стефановски“ и „Малата сцена“ на театарот како и потребната техника со што овозможува изведба на новите претстави и презентирање на иновативни, автентични и квалитетни театарски проекти.
Од Драмски театар Скопје го изразуваат задоволството што колегите уметници од независната сцена покажаа голем интерес за учество во проектот и на ова издание, на самиот почетокот на новата театарска сезона, ќе земат учество девет независни проекти.
Со поддршката на независната сцена Драмски театар иницира создавање на силна мрежа на театарската заедница од различни генерации актери, режисери, драматичари, сценографи, костимографи и мултимедијални уметници. Проектот „Деновите на претстави од независнта продукција“ е замислен како платформа за контакти на уметници кои внесуваат свежина, динамика, понекогаш и неконвенционален пристап во процесот на создавање на театарските претстави, што може да води до идни соработки, копродукции и проекти.
Деновите на независна сцена в четврток на 11 септември во 20 часот ги отвора претставата „Слугинки“ во режија на Теодора Силјаноска. Во претставата играат: Марија Кондовска, Кристина Гиева, Ванеса Тримчевска.
Продукцијата„Македонски центар ИТИ/ПРОДУКЦИЈА“ со претставата „Криег“ ќе настапи в петок на 12 септември во 20 часот. Режијата е на Иванка Апостолова –Баскар, а во претставата играат Здравко Стојмиров и Филарета Атанасова.
В сабота на 13 септември во 20 часот со претставата „Folie a Deux“ на режисерот Ѓорѓи Ризески ќе гостува продукција „Вортекс театар“. Во претставата играат Јана Вељановска и Никола Милошевски.
Претставата „Лекција“ работена по делото на авторот Ежен Јонеско во режија на Ризески ќе се игра в петок на 16 септември во 20 часот. Во претставата играат: Ефтим Трајчов Ѓаурски, Димитрина Мицкоска Трајкоска, Милорад Ангелов, а продукцијата е „Моушн Нетворк Штип“.
На 17 септември Драмски театар ќе ги отвори двете сцени за проектите на уметниците од независната сцена. Од 19 часот на Малата сцена ќе се игра претставата „Те чекам“ на продукцијата „Театар за тебе“. Автор и режија на претставата е Изабела Јакимова, а играат Гоце Андонов и Ангела Лефкова со учество на публика.
„Волкот на љубовта“ на авторите Бранислав Николов и Тихомир Јанчовски ќе биде вториот настан што ќе се реализира во среда на 17 септември со почеток во 21 часот на сцената „Ристо Стефановски“.
В четврток на 15 септември во 20 часот ќе се игра монодрама „Фетишист“ по делото на авторот Мишел Турне. Здравко Стојмиров ја игра и ја потпишува режијата на претставата.
Продукцијата „Театар Златен Елец“ в петок на 19 септември од 20 часот ќе ја игра претставата „Хинкеман“ по делото на авторот Ернст Толер. Режија и адаптацијата се на Тамара Стојаноска, а во претставата играат: Бобан Алексоски, Талија Настова / Надица Петрова, Дритон Вејсели / Филип Христовски, Ане Блажовски, Леонида Гулевска и Бранко Михајлоски.
Деновите на независна продукција се затвораат в сабота на 20 септември со претставата
„Вај-Фај“ во режија на Мирко Видоески. Претставата се игра од 20 часот и во неа ликовите ги толкуваат: Наташа Петровска, Лазар Саровски, Драгана Радованов, Глигорије Стојановски и Игор Бачоски. Претставата е во продукција на „Драмско студио Тетово“.
Од Драмски театар Скопје информираат дека билетите за гостувањата на независната сцена од 11 до 20 септември се пуштени во продажба и ја покануваат публиката да ја искористи можноста да ги проследи и да ги поддржи претставите од поновата продукција на независната сцена.