Денот на правосудството – 31 Март: помеѓу историјата, реформите и новите предизвици
Во последниот Извештај на Европската комисија за 2025 година, правосудството повторно е во фокусот. Оценката е дека државата се наоѓа „меѓу одредено и умерено ниво на подготвеност“, но не е постигнат напредок
Во земјава денеска се одбележува Денот на правосудството, датум кој ја носи симболиката на институционалната независност и првите темели на судскиот систем во земјата. На овој ден во 1945 година, АСНОМ ја донел Повелбата за устројството на редовните народни судови, со што биле основани 25 околиски судови, три обласни судови во Скопје, Штип и Битола и Врховниот суд – првиот централен столб на правосудниот систем во тогашна Федерална Македонија.
Денот на правосудството е потсетник дека владеењето на правото започнува токму во судниците
Денес правосудната мрежа е значително проширена и опфаќа 27 основни судови, четири апелациони судови (Скопје, Битола, Гостивар и Штип), Управен суд, Виш управен суд и Врховен суд, како и 22 основни јавни обвинителства и четири виши јавни обвинителства (Скопје, Битола, Гостивар и Штип) и Републичкото јавно обвинителство.
Правосудството го одбележува овој ден со очекувања дека 2026 година ќе биде една од најдинамичните во последната деценија во однос на реформските процеси. Иако Собранието во текот на 2025 година усвои околу 220 закони, јавноста и професионалниот сектор сметаат дека најважните, системски закони во правосудната област допрва следуваат.
Исклучок е веќе донесениот нов Закон за Судскиот совет, усвоен во последните денови од 2025 година. Законот воведува построги критериуми за избор на членови на Советот поради тоа што претходната дефиниција „истакнат правник“ била премногу широка и дозволувала нестручни избори. Со тоа се поставува нов стандард за професионалност, интегритет и независност во телото што ја надгледува судската власт.
Еден од централните документи што се движат низ законодавната процедура е Предлог‑законот за Советот на јавни обвинители, кој веќе го помина првото читање во надлежните комисии. Новините што ги предвидува предлогот, меѓу другото, опфаќаат унапредена, транспарентна и јасна постапка за избор на членови на Советот, задолжителни и целосно образложени одлуки, доследна примена на мерит‑системот, јавни седници, јавно објавување на одлуките, двостепена структура на дисциплинските постапки со обезбедена судска заштита и проширена и засилена улога на Советот во изборот и разрешувањето на јавниот обвинител.
Меѓу законите кои јавноста ги очекува е и новиот Кривичен законик (КЗ). Потребата од него е особено изразена поради измените од 2023 година, на кои реагираа и домашни експерти и Европската комисија и кои овозможија бројни случаи да се најдат пред апсолутна застареност. Иако новиот КЗ е во завршна фаза на усогласување со директивите на ЕУ, како „меѓурешение“ беше поднесен предлог‑закон за изменување и дополнување на постојниот закон, согласно одлуката на Уставниот суд од февруари 2025 година, со која му беше наложено на Собранието да ги исправи уставните недостатоци.
Реформите под европска лупа – Извештај на ЕК за 2025
Во последниот Извештај на Европската комисија за 2025 година, правосудството повторно е во фокусот. Оценката е дека државата се наоѓа „меѓу одредено и умерено ниво на подготвеност“, но не е постигнат напредок.

Клучните забелешки се продолжени притисоци и мешање од други гранки на власта, ограничени финансиски средства за судството, недоволно функционален систем за управување со предмети (АКМИС), сериозен недостиг на кадар кој ја забавува ефикасноста и го оптоварува системот, како и ограничено спроведување на претходните препораки.
ЕК препорачува донесување нов Закон за парнична постапка, забрзување на спроведувањето на стратегиите, зајакнување на Судскиот совет и целосна функционализација на АКМИС – автоматизираниот систем за распределба и следење на предмети.
Во делот за борба против корупцијата, Комисијата нотира дека корупцијата останува широко распространета, случаите на високо ниво се соочуваат со застои и минимални казни, институциите како ДКСК и обвинителството имаат потреба од кадровско и финансиско зајакнување, а усвојувањето нов, модерен Кривичен законик останува неопходна задача.
Недостигот од кадар – хроничен системски проблем
На 9‑от состанок на Секторската работна група за правда лани Министерството за правда ги презентираше податоците од надзорот, при што министерот Игор Филков информираше дека пополнетоста на судиските места е 67% (432 од 636), а пополнетоста на судската служба изнесува само 36%. Овој сериозен недостиг од кадар доведува до забавени постапки, зголемена оптовареност и намалена ефикасност.
Министерството најави дека токму во 2026 година ќе се работи на значително кадровско зајакнување, како предуслов за дигитализација и подобрување на функционалноста и модернизацијата на институциите.
Паралелно со институционалните процеси, дел од политичките изјави најавуваат пошироки промени во кадровските и структурните решенија во обвинителството и судството. Иако не се прецизирани конкретни правни механизми, овие пораки ја отвораат дебатата за балансирањето помеѓу политичката одговорност, независноста на судството и јавните очекувања за поодлучна борба против корупцијата.
Денот на правосудството е потсетник дека владеењето на правото започнува токму во судниците – преку нивниот интегритет, независност, кадровска стабилност и способност да обезбедат еднаква и навремена правда за сите.
Оваа година државата го одбележува празникот со серија значајни реформски процеси и повеќе институционални предизвици, но и со очекување дека 2026 може да стане година на суштински, долгорочни и системски промени.