Денеска повторно форум со граѓани во ООУ „Лазо Ангеловски“ Аеродром – може да се дадат предлози за локалните политики


Денеска во просториите на ОУ ˶Лазо Ангеловски”, во општина Аеродром со почеток во 18 часот ќе се одржи втората форумска сесија од циклусот на Форуми во заедницата која Општината ќе ги реализира во периодот на месец март и април, што претставува транспарентна и партиципативна форма на локално ниво – алка на вклучување на граѓаните од страна на локалната самоуправа во донесувањето на заеднички одлуки кои се важни за самата заедница и за нивниот живот.

На оваа сесија ќе се презентираат неколку развиени предлог концепти на приоретизирани проекти од областа на образованието. Форумскиот процес е отворен за сите граѓани кои преку активно учество со своите идеи и донесување одлуки ќе бидат дел од реализација на минимум 1, а максимум 3 проекти во износ од 50.000 УСД (20 % ко – финансиран од Општина Аеродром).

Целта е да се зголеми учеството на локалното население во процесот на креирање на политиките на локалната заедница и реализација на конкретните проекти кои ќе произлезат од форумските дискусии и дебати, велат од локалната самоуправа на Аеродром.

Одржувањето на Форуми во заедницата, Општина Аеродром го реализира со финансиска поддршка и партнерство на Швајцарската агенција за развој и соработка – SDC, Министерството за локална самоуправа и Програмата за развој на Обединетите Нации (УНДП).