Денеска нешто повеќе од 800 новозаразени, заразата стивнува


Министерот за здравство Венко Филипче вели дека третиот бран на заразата стивнува со оглед на тоа што вчера имавме околу 950, а денеска нешто над 800 новозаразени со Ковид-19.

Вакцинацијата засега оди добро, а сега се вакцинираат постарите граѓани.

– Во два часот денеска ќе се сретнеме со претставници на здравствените домови во шест града, за да договориме, ваква слична вакцинација (како во салата „Борис Трајковски“). Тоа се градовите Куманово, Штип, Кавадарци, Битола, Охрид и Тетово – изјави Филипче.

– Денеска салата „Борис Трајковски“ продолжува да работи како четврти пункт за вакцинација во Скопје и сите граѓани кои беа на почетокот пријавени, а се на возраст под 75 години односно 73 и 74 години ќе се вакцинираат следните денови тука во салата. На располагање се вакцините на „Спутник“, кои останаат после завршување на вакцинирањето на критичната инфраструктура, дел од вакцините на „Астра Зенека“ и донацијата со кинески вакцини од Обединетите Арапски Емирати. Така е направен распоредот, нешто поразвлечен, бидејќи станува збор за постари граѓани, некои од нив доаѓаат со придружба и согласно динамиката како ќе се одвива ќе се прави распоредот за следните денови, рече Филипче.

Според него, дневно се вакцинираат по 1.500 граѓани, а штом стигнат дополнителни вакцини, бројот на дневно ниво ќе се зголеми.

– Досега не се фрлени вакцини, без оглед што има граѓани кои се пријавиле, а не дошле да се вакцинираат – вели Филипче.

– Нам во овој момент не н` треба нарачка на вакцини затоа што согласно планот како што е димензиниран и сите досегашни договори имаме обезбедено 2 милиони и 600 илјади вакцини. По 800 илјади вакцини треба да стасаат преку системот Ковакс и директниот договор со „Фајзер“, потоа по 200 илјади руски и кинески вакцини, 100 илјади вакцини кои треба да дојдат како помош од системот на солидарност преку Европската унија и 500-те илјади вакцини на Синовак кои треба да стасаат во мај. Тука процесот е заокружен, рече Филипче одговарајќи на новинарско прашање по посетата на пунктот за вакцинирање во салата Борис Трајковски. – вели Филипче.

Сепак, тој се состанал со директорката на белградски Торлак, која му укажала на можноста од кај нив да се нарачаат вакцини, затоа што приоритет се земјите во регионот да се снабдат од оваа фабрика, која од вчера почна со производство на руските вакцини „спутник V“.

Тој рече дека на почетокот на следната недела се очекува да стигнат вакцини од компанијата „Фајзер“. Според најавата, како што појасни, на 19 април ќе стигнат 10 000 вакцини на „Фајзер“, а на 26 април уште 10 000.

– Утрово ја добивме потврдата од Кинеската амбасада дека 200 000 кинеските вакцини треба да ги очекуваме околу 28 април, додаде Филипче.(Б.Б.)