Денеска гласаат болните, осудениците и лицата во изолација


Илустрација - Фото: Б. Грданоски

Седмите локални избори официјално почнуваат од денес. Денеска своето право на глас ќе може да го остварат болните и изнемоштените, внатрешни раселените лица, војниците, осудениците и лицата кои се во изолација поради Ковид – 19, под посебни однапред утврдени протоколи.

Според официјалните податоци на Државната изборна комисија (ДИК) денеска ќе гласаат 7.921 болни и немоќни лица чии пријави се прифатени од Општинските изборни комисии (ОИК), 476 лица со Ковид-19 и во самоизолација, 1.899 осуденици, 351 лице во установи за вонсемејно сместување и шест гласачи кои, во согласност со евиденцијата на Министерството за труд и социјална политика, се запишани како раселени лица.

Гласањето на болните и немоќните ќе го спроведуваат избирачките одбори, додека за гласањето на лицата со Ковид-19 и во изолација се формирани посебни избирачки одбори составени од медицински лица.

На овие избори, за прв пат ќе се користат читачи на отпечатоци на прстите на гласачите но Државната изборна комисија (ДИК) одлучи граѓаните кои гласаат денеска да не бидат проверувани со овие уреди, туку гласањето да се спроведе УВ ламба, со која се проверува дали лицето претходно гласало, и со прскање со спреј, за да се обележи дека веќе е искористено правото на глас.

А утре и официјално стартува гласачкиот процес. Ќе се бираат градоначалници и советници во 80 општини и Град Скопје.

Во 7 часот наутро треба да се отворат 3.480 гласачки места на кои според Избирачкиот список 1.824.864 граѓани ќе може да си го остварат своето право на глас.Во посебните извори на списокот се наоѓаат 82 461 лице кои се на привремена работа или престој во странство. Избирачките места се затвараат во 19 часот кога почнува и броењето на гласовите.

А граѓаните ќе бираат меѓу 299 кандидати за градоначалници и 576 листи со над 10 илјади кандидати за советници.

Она што е карактерирстично за овие избори е големиот број на независни кандидати за градоначалници и особено советнички листи и затоа во печатницата „Киро Дандаро“во Битола, се испечатени рекордни 4,5 милиони ливчиња гласачки материјал за кои се потрошени 60 тони хартија.

Први избори со битометриски податоци, како ќе изгледа гласачкиот процес

На овие избори за прв пат ќе се користи биометриската идентификација на гласачите, односно читачи на отпечатоци на прст. ДИК, за сума од 11 милиони евра,набави 4.000 терминали од фирмата „Дермалог“, кои ќе бидат распоредени на секое избирачко место и со нив ќе ракуваат само претседателот и неговиот заменик.

Како и порано, гласачите мора да имаат важечка лична карта или пасош, со која ќе се идетификуваат пред изборачкиот одбор. Тогаш се скенира десниот показалец а отпечатокот мора да се совпадне со оној во системот, направен при вадење на лични документи. Избирачкиот одбор мора да добие повратна информација од системот дека отпечатоците се совпаѓаат и лицето го нема остварено своето право на глас.

„Доколку уредот не може да најде совпаѓање на отпечатоците од прсти, сигнализира со жолта боја. Во тој случајизбирачкиот одбор го идентификува гласачот преку важечка лична карта или пасош и проверува дали гласачот е запишан и дали е потпишан во печатениот избирачки список. Доколку се утврди дека гласачот го има во печатениот Избирачки список и нема гласано, се внесува во уредот преку отчитување на личниот документ на скенер или со преку внесување на матичниот број“, соопштија од ДИК.

Според прописите, во првиот круг за победник односно избран градоначалник се смета кандидатот кој освоил 50 отсто плус еден глас од вкупната бројка на граѓани кои излегле да гласаат но услов е и излезноста да биде најмалку 33 отсто, односно барем една гтретина од гласачите да го оствариле своето право на глас. Доколку излезноста е под овој процент, без разлика на бројката на освоени гласови се оди во втор круг. Доколку ниту еден кандидат не освоил 50 отсто плус еден глас во вториот круг одат двајцата кандидати со најмногу гласови.

Советниците се бираат само во првиот круг по т.н. „Д Онтов модел“.

Вториот круг на седмите локални избори ќе се одржи по две недели, на 31 октомври. Денеска на сила е изборниот молк, а кампањата за вториот круг ќе почне уште во понеделник и ќе трае до 29 откомври на полноќ.