Ден на Ромите: Еднакви права и достоинствен живот за сите

Потребно е силно ангажирање од сите чинители за вистинска имплементација на Стратегијата за подобрување на состојбите на Ромите во државата. Еднакви права и достоинствен живот за сите, е единствениот пат за една успешна заедничка земја. За тоа не се доволни само конференции и проекти, туку и делување за градење вистинско инклузивно општество.

Ова беше истакнато денеска настанот во Собранието на Северна Македонија по повод одбележувањето на Меѓународниот ден на Ромите, 8 Април, „Предизвиците и перспективите на Ромите во Република Северна Македонија“ во организација на Здружението на граѓани „Ромаверзитас“. 

– Владата има силна политичка волја за вистинска имплементација на Стратегијата за подобрување на состојбите на Ромите во државата и ќе се ангажира и натаму за изедначување на степенот на вклученост и интеграција на Ромите со сите други етнички заедници во земјата. Толеранцијата е најважен услов за демократски односи меѓу различните социјални и општествени групи во концептот едно општество за сите, а толеранцијата и солидарноста се наша заедничка вредност, изјави во обраќањето премиерот Зоран Заев.

Истакна дека денеска празнуваме и славиме една уникатна традиција, верувања и култура, како значајна вредност на светското, но и на македонското културно наследство.

Потсети дека Првиот светски конгрес на Ромите одржан на 8 април 1990 година, е еден од најважните историски датуми за ромската заедница, кога Ромите добија своја химна, и азбука и се изборија за загарантирано право да бидат еднакви во општествата и да ги уживаат сите права без дискриминација.

– Владата работи со најранливите категории лица кои се соочуваат со најсензитивни проблеми и потреби. МТСП продолжува со имплементирање на проектите кои се препознатливи за ромската заедница и се во насока на вклучување на децата Роми во предучилишното образование. Посебно внимание посветивме на вклучувањето на невработените Роми во активните мерки за вработување. Идентификување на лицата во матичните книги на родени и помош при обезбедување лични документи, времено згрижување на семејствата кои се во социјален ризик, рече Заев.

Посочи дека од една од најзначајните политики на МТСП е обезбедување бесплатен престој на ромските дечиња во детските градинки, како грижа за раниот детски развој, со која во текот на учебната 2018-2019 година во рамки на оваа мерка во градинките бесплатно се опфатени 450 деца на возраст од три до шест години.

Вицепремиерот за европски прашања Бујар Османи рече дека Ромите се веројатно најголемата група граѓани на светот присутни секаде, но веројатно никаде доволно заштитени и прифатени.

– Повеќе од илјада години Ромите и нивното културно наследство се составен дел на европската култура, и затоа денес со право претставуваат конститутивен дел на ЕУ, каде рамноправноста и заштитата на Ромите имаат посебен третман, истакна Османи.

Според вицепремиерот, се проценува дека на европскиот континент популацијата на Роми брои десет милиони жители, од кои приближно шест милиони живеат во ЕУ, а околу четири милиони во земјите од регионот на ЈИЕ.

– Како мултиетничко општество, Северна Македонија со имплементација на Охридскиот рамковен договор, вклучи механизми со кои на Ромите им се обезбедува и образование, и фер правична застапеност но и сите останати механизми за заштита на нивните права и унапредување на нивната рамноправност во општеството. Тоа за Ромите претставува можност, а за нас останатите предизвик да создадеме услови Ромите да ја чувствуваат земјава како матична земја што се грижи за нивните права насекаде, заклучи Османи.

Евроамбасадорот Самуел Жбогар, истакна дека Европската унија знае дека има голема дискриминација и тешкотии со кои се соочуваат самите Роми во нивниот социјален живот и оти во повеќето држави има програми со европски фондови кои се осврнуваат на ваквото прашање.

– Потребно е многу повеќе да се направи за Ромите освен финансирање и конференции организирани од ЕУ, потребно е делување од сите држави, како и од членките така и од кандидатките, за да се избегне самата дискриминација и да се искоренат предрасудите, подвлече Жбогар.

Надир Реџепи, извршниот директор на Ромскиот образовен фонд (РЕФ), рече дека како и за другите народи и за Ромите, еманципацијата и себееманципирањето заземаат централно место во процесот на дефинирање на колективните планови.

Според него, образованието е едно од најважните инструменти во процесот на себееманципирање, и како таков е важно во ослободувањето од стегите на општествената  стигма.

Силхан Сеитов од Здружението на граѓани „Ромаверзитас“ рече дека годинава промовираат едно општество за сите, но со еднаква вклученост и на ромската заедница, вклученост во креирањето и спроведувањето на политиките подеднакво за сите, состојбите во ромскиот јазик, политиките за вработување на Ромите во јавниот сектор, институциите…

Меѓународниот ден на Ромите – 8 Април  официјално е прогласен во 1990 година  на Светскиот конгрес на Меѓународната унија за Ромите во Полска. На конгресот претставници на Роми од 14 држави донесоа одлуки за знаме, химна, за прогласување на ромскиот јазик и за воведување на терминот Ром. На Првиот конгрес на Роми во Лондон во 1971 година, ромскиот јазик е деклариран како официјален јазик на сите Роми во светот.