Демонстрантите во Хонг Конг лути на Леброн Џејмс
Хонг Конг– Демонстрантите во Хонг Конг вчера изразија незадоволство од коментарите на американскиот кошаркар Леброн Џејмс и со кошаркарска топка гаѓаа фотографија од НБА ѕвездата пред да влезе во кош и изгазија дресови со неговото име, а еден и запалија.
Кошаркатрот на ЛА Лејкерс претходно изјави дека слободата на говорот може да има негативни последици.
Демонстрантите се собраа за да ја искажат лутината поради неговата изјава, а истовремено го поздравуваа генералниот менаџер на Хјустон рокетс Дерил Мори, кој стана нивен херој затоа што на Твитер им даде поддршка, што ги налути кинеските функционери и предизвика прекин на соработката меѓу Кина и НБА.
Околу 200 луѓе извикуваа навреди против Џејмс, јавуваат светските агенции.
Леброн Џејмс на Твитер искажа свое мислење за прашањето дали Мори треба да биде казнет поради неговиот твит кој предизвика економска војна меѓу НБА и Кина, поради кој американската професионална лига би можела да остане без повеќе милијарди долари.
– Да, имаме слобода на говор, но во некои времиња може да дојде до негативни последици кога не размислувате за другите, туку само за себе, напиша Џејмс.
Тој додаде дека многу луѓе можат да бидат повредени, не само финансиски туку и физички, емотивно, духовно, и оти затоа секој треба да биде внимателен кога пишува нешто на Твитер.
Кина е голем пазар за НБА, а после твитот на Мори би мо9желе да бидат скратени големи средства преку разни спонзорства.