Демократскиот сојуз со цврста поддршка за Шилегов
Демократскиот сојуз денеска објави дека му дава безрезервна поддршка на кандидатот за градоначалник на Скопје Петре Шилегов и на останатите кандидати на коалицијата „Најдоброто за мојата општина“, предводена од СДСМ.
Според генералниот секретар на партијата, Зоран Димитровски, „изборната кампања пред вториот круг е многу заострена, со голема жестина во настапите, нереални ветувања, меѓусебни обвинувања и дискредитации помеѓу кандидатите и политичките партии“.
Тој ги повика сите политички актери сегашниот негативен набој на изборната кампања да не се одрази на изборниот ден во недела и тој да помине мирно, во демократски дух, а сите учесници во изборниот процес да ги признаат резултатите.
Оценувајќи дека во вториот изборен круг ќе се случи пресврт во резултатите, имајќи предвид дека кандидатите на СДСМ и коалицијата водат или имаат реални шанси за победа во 25 општини, Димитровски ги повика сите граѓани, симпатизери и членови на Демократскиот сојуз, во недела масовно да излезат на гласање.