Демократски сојуз: Со партиски надмудрувања некој сака да го блокира парламентот
Демократскиот сојуз исто така смета дека со верификацијата на мандатот на новоизбраните пратеници Парламентот е конституиран.
Тоа се уставни и деловнички решенија. Претседавачот на Парламентот има обврска за конституирањето на Парламентот да го информира Претседателот и одлуката за конституирање на Парламентот да ја објави во „Службен Весник” на РСМ.
Од 5 август 2020 година тече десетдневниот период за Претседателот Стево Пендаровски да го даде мандатот за состав на Влада на кандидат на партијата односно партиите кои имаат мнозинство во Парламентот.
Оттаму, непотребни се дилемите околу тоа, дали е конституиран Парламентот, пред да се избере негов Претседател. Изборот на Претседател и Потпретседатели на Парламентот не случајно е дефиниран во друг член (Член 66) од Уставот.
Актуелниот претседавач треба да постапува согласно Уставот и Деловникот на Собранието на Република Северна Македонија, а партиските надмудрувања и преговори за тоа кој ќе биде прв помеѓу еднаквите во Парламентот не може да бидат причина за блокада и суспензија на Законодавниот дом, стои во реакцијата на Демократскиот сојуз.