Демократската партија во САД ги почнува дебатите за избор на претседателски кандидат


Вашингтон – За помалку од три недели започнуваат демократските дебати во САД, прв важен чекор во изборот на претседателски кандидат од страна на Демократската партија, но трката за Хауард Шулц, поранешен директор и основач на „Старбакс“, најверојано заврши.

Во моментов, повеќе од 20 демократи се борат за номинација.

Ги има од сите делови на политичкиот спектар. Од умерени, па дури и радикални центристи, блиски на републиканската идеологија, па до поизразени левичари, кои бараат воведување на социјални програми во САД како бeсплатно здравствo и високо образование, и најавуваат храбри планови за запирање на глобалното затоплување со користење на обновлива енергија.

Како што јави дописникот на МИА од Вашингтон, неделава истекува крајниот рок од предизборната трка за пријавување на демократски кандидати кои ќе учествуваат во партиските дебати. Првите ќе се одржат на 26 и 27 јуни, а има вкупно 12 дебати кои еднаш или двапати месечно ќе се одржуваат се до април 2020 година.

Инаку, за некој да добие „билет“ за влез во овие дебати, мора да прикаже две работи: дека има рејтинг од најмалку еден отсто во три анкети одобрени од Демократската национална конвенција (ДНЦ) или да прикаже дека примил парични спонзорства од 65 илјади луѓе од 20 различни сојузни држави, од кои барем 200 спонзорства треба да доаѓаат од една сојузна држава.

Од досегашните кандидати, тринаесет ги имаат исполнето овие услови. Најпопуларните помеѓу нив се Џо Бајден, Берни Сандерс, Пит Бутиџич, Елизабет Ворен, Камала Харис, Бето О’Рурк, Кори Букер, Ејми Клобучер и Хулиан Кастро.

Од сите кандидатури, рејтинзите се во полза на Бајден, поранешен потпретседател и умерен центрист, и сенаторот од Вермонт Берни Сандерс, независен левичар, кој има силна поддршка во базата на помладата генерација на демократски ориентираното членство.

Во меѓувреме, Шулц наверојано ја напушта трката, јави синоќа „Фокс Њуз“.

Се наведува дека многумина демократски првенци ја критикувале неговата одлука, која ја објави во јануари, да се кандидира како независен, бидејќи со тоа би му помогнал на претседателот Доналд Трамп да победи на изборите во 2020 година.

Имаше дури и протести од страна на демократските поддржувачи кои беа незадоволни од тоа што еден милјардер може да дојде на местото на друг милијардер во Белата куќа.

После ова, кампањатa на Шулц најверојано запре, наведува ТВ каналот. Последната активност беше посетата на граничен премин во Аризона во април. Соопштенија на Твитер веќе не се појавуваат а последниот Фејсбук статус на неговата кампања беше при крајот на април.

Се наведува дека тишината од страна на Шулц коинцидира со почетокот на кампањата на Бајден.

Бајден е умерен центрист и поради сличноста на негоите политички погледи со Шулц, директорот на Старбакс можеби ќе отстапи.