Демократски сојуз го оценува францускиот предлог слично како и опозицијата


 

Со ставови блиски на опозицијата, со употреба на името „Република Македонија“, партиципентот во власта, Демократскиот сојуз на Павле Трајанов, денеска соопшти дека доколку Европската кунија не прифати уште неколку македонски барања да се отфрли преговарачката рамка.

ДС соопштува дека претседателството на партијата го разгледало модифицираниот француски предлог и заклучило дека Владата мора да инсистира да се преработи преговарачката рамка и од неа да се отстранат билатералните прашања, кои биле наметнати од Бугарија, во исто време нагласувајќи дека во услови на геостратешки конфронтации, од круцијално значење е за Македонија да започнат преговорите со ЕУ.

Партијата бара реципроцитет за вклучување на Бугарите во македонскиот устав, а тоа да се оствари со носење заклучок на Советот на ЕУ со кој ќе Бугарија ќе се задолжи да ги имплементира одлуките на Европскиот суд за човековите права во Стразбур за признавање на правата на Македонците во Бугарија, како што е правото на здружување, формирање на културни асоцијации, политичко организирање. Потоа не смееле да се прифатат разговори за „македонските ревулуционери кои се во кодот на секој Македонец, како што се Гоце Делчев, Јане Сандански, Дамјан Груев и други“. А во исто време да се прекинат какви било дискусии за заедничко славење на македонските национални празници, како Илинден.

Демократски сојуз предлага да продолжи дебатата во јавноста, да се соберат сите сугестии и предлози, по што да се отвори расправа во Собранието и да се донесат заклучоци со консензус од сите пратеници односно пратенички групи и независни пратеници застапени во парламентот, а ако Европската унија нема разбирање за македонските позиции да се отфрли изменетиот француски предлог.