Деминирање на зборовите

Двете лингвистичко-транзициски стратегии создадоа едно јазично пространство исполнето со бројни симболички мини


Промените низ кои помина македонското општество во изминатите триесетина години имаат свој одраз и во јазикот. Во говорниот и пишаниот јазик беа внесени многу нови зборови, а многу постоечки зборови беа или редефинирани или пак се промени зачестеноста на нивното користење. Исто така, на една страна, останаа многу зборови за кои веќе немаме стварност – зборови кои веќе ништо не означуваат, туку опстојуваат како флоскули. На друга страна, се појавија многу нови појави, нови стварности за чие означување немаме соодветни зборови. За справување со предизвиците од овој вид најчесто прибегнуваме кон една практична мудрост на мислењето – давање нови значења на старите зборови, односно турање на новото вино во стари врчви! 

Двете лингвистичко-транзициски стратегии создадоа едно јазично пространство исполнето со бројни симболички мини. Пример за тоа е таканаречениот Преспански договор. За тоа дека овој документ е вистинско јазичко минско поле доволно зборува самиот негов официјален назив: „Конечна спогодба за решавање на разликите опишани во резолуциите 817 (1993) и 845 (1993) на Советот за безбедност на Обединетите нации, за престанување на важноста на привремената спогодба од 1995 г. и за воспоставување на стратешко партнерство меѓу страните“! Наслов во кој нема субјект/и, а предметот  е невидлив. И едниот и другиот се контекстуални, а не стварни појави.

Внатре пак, документот изобилува со нови дефиниции за стари термини („Македонија“ и „македонски“), но и со стари дефиниции за нови термини (Република Северна Македонија). Извештаченоста на новододелени значења на старите термини и на новите термини за старите нешта е збунувачка. Ригидното придржување до нив во секојдневниот живот, особено на „Втората страна“ може да создаде експлозивни симболички амалгами како, на пример, „северџан/и“.

Но, во спогодбата има и обратна јазичка гимнастика – воведување на нови термини за стари дефиниции, односно за стари идентитетски појави. Такво е, на пример, новото официјално име „Република Северна Македонија,“ односно „Северна Македонија“ како нов израз за старата ни Република Македонија. Симболичко комуникацискиот проблем на Преспанскиот договор со овој нов термин се актуализира благодарение на неговото осветлување од бугарска перспектива. Република Бугарија се вклучи во расчистувањето на минското поле наредено со јазични мини. Таа побара дополнително додефинирање на значењето на новото официјално име (Република Северна Македонија) на старата ни држава Република Македонија! Едно од петте-плус бугарски барања е новоименуваната држава да декларира меѓународно јавно дека нејзиното ново скратено име (Северна Македонија) всушност не е тоа што е дефинирано со договорот (Север на Македонија) туку дека е север на Македонија, но без источниот дел на „Северот“. Со ова Бугарија фактички го деактивира експлозивниот потенцијал на „севрџанството“ и придонесува за негова банализација.

Ваквата јазичка ситуација Влатко Стефановски ја опеа во неговата песна „Као какао.“ Сѐ е нешто „као“: Као сме Северна, ама не сме, као сме Македонија, ама не сме. Но и обратно, као не сме Северна Македонија, ама сме, као не сме Македонија, ама сме!

За ваквите ризици бил свесен и демиургот, творецот, на Преспанскиот договор. Веројатно токму затоа во член 7 став 5 ставил одредба дека новите дефиниции за старите термини, но и старите дефиниции за новите термини договорени со спогодбата, имаат значење и смисла само внатре во овој документ и за страните потписнички на истиот. За надвор и особено за граѓаните во нивниот секојдневен живот и комуникација тие дефиниции немаат значење.

Затоа во споменатиот став изречно се вели дека „Ниту една одредба од оваа Спогодба нема цел на кој било начин да ја поткопа, измени или да влијае на употребата“, секако, се мисли на употребата на старите термини „од страна на граѓаните на двете Страни“. Значи, старите и новите термини да си ги употребуваме на вообичаен начин, со нивното значење на кое сме навикнале и кое единствено има смисла оти е настанато спонтано и во тек на повеќе генерации.

Новото вино од старите врчви ќе го преземе вкусот на старото вино и обратно, новите врчви нема да го подобрат, но ниту да го влошат вкусот на старото вино. Како здравица во чест на 100-годишнината од раѓањето на Блаже Конески, кодификаторот на македонската јазична заедница.

(ИлоТрајковски е универзитетски професор)