Деловните резултати на Кока-Кола под притисок на пандемијата – двоцифрен пад на профитот
Американскиот гигант за храна Кока-Кола во средата објави двоцифрен пад на профитот и приходот во 2020 година под влијание на мерките во многу земји против КОВИД- 19, како затворањето ресторани, кина и спортски сали.
Нето приходите на Кока-Кола потонаа за 11 отсто во пандемиската година, на 33 милијарди долари, со пад на продажбата за 2 проценти.
Нето приходот по акција се намали за 13 проценти, на 1,79 американски долари.
Деловните резултати на Кока-Кола во пандемиската година беа сериозно погодени од ограничувањата на владите за спречување на ширењето на коронавирусот. Во поголемиот дел од годината, рестораните и кината каде што компанијата генерира значителен дел од приходите беа затворени, а откажани се и бројни спортски настани, пренессува СЕЕбиз.
Во последниот квартал, деловните притисоци повторно се интензивираа поради новиот бран на пандемијата и повторното воведување мерки за затворање, а тешкотиите продолжија и во почетокот на 2021 година.
„До првите денови на февруари, компанијата забележа пад на продажбата од пет до шест проценти ширум светот, со континуирано зголемување на нивоата на продажба за домашна потрошувачка со што се неутрализира притисокот во продажните канали надвор од домашната потрошувачка“, се вели во извештајот.
Компанијата посочува дека очекува трошок од околу 12 милијарди американски долари во врска со спорот со американската даночна администрација околу тоа колку може да им наплати на странските филијали за правото да произведуваат и да го продаваат популарниот пијалок во странство.
Во 2021 година, се очекува седум до девет проценти поголема прилагодена добивка и ист процент раст на приходите.