Делови од Тетово над 24 часа без вода поради поголем дефект на редуктор


Фото: Б. Грданоски

Жителите на Тетово во источниот дел од градот над 24 часа останаа без вода за пиење, поради поголем дефект. Според информациите на Јавното комунално претпријатие Тетово дефектот е поправен и во текот на денот водоснабдувањето ќе се нормализира.

– Цел ден, вчера вторник немавме вода. Проблемот е и во тоа што кога се јавивме во ЈКП Тетово не ни даваат информација што се случува, зошто нема и кога ќе дојде. Кога би имале такви информација би знаеле како да постапиме, вели жител на зграда на улицата „Благоја Тоска“.

Раководителот на работната единица „Водовод“ при ЈКП Тетово, Љуљзим Шаќири информира дека проблемот настанал во т.н редуктор односно место каде се двои водата за источниот дел.

– Проблемот настана во раздвојна шахта или редуктор за левата страна од градот, кај стара библиотека, каде имаме раздвојуваме дел за Дреновец, стадион како и за централно градско подрачје, пазар, Блок 52, „Благоја Тоска“, „Маршал Тито“. Не може навечер да се интервенира, поради специфична опрема на редукторот. Таква опрема, не може да се купи, туку ако фали делче се чека месец дена, дека ливници ги прават со прецизна механика. Добро е што имаше поблага форма на проблем, беше најдено решение и ќе се полни системот од денес. Од 9 часот утринава пуштена вода и ќе добиваат постепено граѓаните. Се зависи од тоа дали имаат хидрофор во зградите, изјави Шаќири.

Од ЈКП Тетово со потсетување дека сè уште се соочуваат со нередовна и ниска наплата на сметките за вода.

– Граѓаните треба да ги плаќаат редовно сметките за да при вакви дефекти вработените да имаат стимул да си ја извршат својата работа, потенцира раководителот.

Во моментот водоснабдувачкиот систем има 400 литри вода во секунда што е доволно за снабдување на градот.