Делегација на Општина Берово го посети гробот на починатиот пожарникар Жан Кофол


Со посета на гробот на прерано починатиот пожарникар Жан Кофол, Општина Берово го одбележа споменот на двегодишнината од неговата смрт. Активноста е дел од посетата на делегацијата од Општина Берово на Општина Нова Горица во Република Словенија.

– Жан Кофол беше млад доброволен пожарникар од Словенија кој учествуваше во гаснењето на пожарите кои избувнаа во август 2021 година, кој прерано загина по враќањето дома. Во негова чест и спомен општина Берово минатата година именуваше улица која го носи неговото име, преку која ќе се сеќаваме на неговото херојство, жртва и посветеност, истакнаа од Општина Берово

Во рамки на посетата на Република Словенија пожарникари од Берово заедно со колегите од Доброволното противпожарно друштво „Нова Горица“ реализираа повеќе активности, меѓу кои и неколку обуки за гаснење пожар на отворен и во затворен простор.

Дел од делегацијата беше и градоначалникот Звонко Пекевски кој со неговиот колега Само Турел, разговараа за продлабочување на можностите за соработка во делот на туризмот, прекуграничната соработка, противпожарна заштита и заштита на животна средина.