Дела на осуммина уметници на ДЛУМ претставени на изложбата „Поместени граници“


Со шестото издание на годишната изложба „Поместени граници“ на Друштвото на ликовните уметници на  Македонија (ДЛУМ), која денеска беше отворена во паркот на Министерството за култура, се одбележува  Светскиот ден на уметноста – 15 Април.

До 20 часот вечерва таму може да се посети изложбата на која  се претставени делата на осуммина уметници: Марија Светиева, Ненад Тонкин, Ива Станковска, Дарко Базерко, Ана Трајковска, Јана Јакимовска, Славчо Максимовски и Ана Ивановска.

Изложбата е тематска со концепт да промовира мултимедијални проекти или традиционални техники со кои се експериментира на нов начин. Според ДЛУМ, проектот „Поместени граници” е посветен на новите медиуми, потенцирајќи ги уметничките процеси кои се отворени за промени, уметноста во хармонија со просторот, односот уметност и природа.

За ова издание се избрани, главно, уметници од младата генерација со своите решенија од последната година на творештвото.

Уметницата Светиева на отворањето на изложбата истакна дека годинава изложбата ја  поставиле во дворот на Министерството за култура за да ја приближат уметноста до минувачите и до пошироката публика.

-„Поместени граници“ како тема не значи само географско прикажување граници. Границите се во секој од нас со предрасудите, ставовите, општо нашите чувства и мисли. Уметноста е таа која ги поместува границите, нѐ зближува без разлика од каде потекнуваме, на која религија ѝ  припаѓаме или на кој јазик зборуваме. Уметноста е движење со кое се внесува светлина во нашите животи, позитивни вибрации, љубов кон ближниот, хармонија со природата и целиот универзум, истакна Светиева.

На поставувањето на изложбата на ДЛУМ, уметниците учесници вчера ги поздрави и министерката за култура Бисера Костадиновска-Стојчевска, која им заблагодари што ги поместуваат границите и што се во хармонија со просторот давајќи му боја на сивилото.

-Живееме во чудни, во тешки и непредвидливи времиња. Уметноста повторно има тешка и одговорна задача – да ни помогне да останеме луѓе, да нè опомене дека сме создадени за добро и да го пробуди најдоброто во нас. Бездните на животот и онака се длабоки. Наместо да копаме во нив, ние треба да изградиме мост над нив. Уметноста е секогаш над и секогаш ин, истакна Костадиновска-Стојчевска.