Децата со попреченост се во вистински ризик од злоупотреби – да им обезбедиме заштита!

Денес, кога го одбележуваме Меѓународниот ден на лицата со попреченост, Македонското здружение на млади правници (МЗМП) повикува да се насочи вниманието на институциите и јавноста кон намалување на ризикот од злоупотреби и трговија со луѓе за децата со попреченост.

Тие се особено ранливи на трговија со луѓе поради возраста и попреченоста и во голема мера зависат од поддршката на возрасните во спроведувањето на механизмите за заштита на своите права. Затоа, неопходно е државата преку институциите да им обезбеди соодветни информации, помош и поддршка, а со цел да се намали ризикот да станат жртви на трговија со луѓе. Сите активности во оваа смисла треба да бидат во согласност со Конвенцијата на ООН за правата на лицата со попреченост и Конвенцијата на Советот на Европа за борба против трговијата со луѓе, како и Конвенцијата на ООН за правата на детето.

Како организација посветена на борбата против трговијата со луѓе, МЗМП дел од своите активности ги фокусира на превенција на трговијата со деца со попреченост. Во следниот период МЗМП ќе објави две едукативни видеа наменети за децата со попреченост, нивните родители, односно старатели и лица кои им нудат поддршка. Видеата имаат за цел да ги подучат децата да избегнуваат виктимизација преку едукација за прашања поврзани со трговијата со луѓе, но и да ги поддржат оние кои се грижат за нив. Истите ќе бидат достапни и за општата јавност со цел да се подигне свеста и да се сензибилизира македонското население со високиот ризик децата со попреченост да станат жртви на трговија со луѓе. 

Активностите се дел од Проектот “Подигање на свеста за трговијата со деца во Северна Македонија” финансиран од Европската Унија и Советот на Европа. Проектот ќе обезбеди подобар пристап до услуги за децата со попреченост и ќе придонесе кон намалување на ризиците тие да станат жртви на трговија со луѓе и други форми на злоупотреби. 

Секој кој има сознанија, информации или сомневање поврзано со трговија со луѓе или има потреба од помош може да пријави на http://redbutton.mvr.gov.mk/. За повеќе информаци посетете ја веб страната https://kazistop.mk/