Деца во Гази Баба вртеа педали за да гледаат филм


Општина Гази Баба за прв пат оваа година се приклучи кон семејството на европски градови и општини кои ја одбележуваат Европската недела на мобилност под мотото “Движи се рационално, штеди енергија”.


Тоа подразбира рационален пристап при користење на електрична енергија, гориво и други видови енергија, со цел да се намали негативниот ефект врз животната средина.

– Во рамките на оваа недела на нашата територија ќе се одржуваат бројни активности, меѓу кои вчера се одржа и вечерното кино на отворено во основното училиште Крум Тошев пред огромниот број на дечиња кои со воодушевување ја проследија едукативната програма прикажана во два краткометражни филмови „Приказна за точак“ и „Нозете на Амстердам“ – вели градоначалникот Бобан Стефковски.

Интересно за дечињата беше што тие самите ја генерираа електричната енергија преку возење на велосипед за да го овозможат прикажувањето на филмовите.

Општина Гази Баба го следи трендот на општините и градовите низ светот кои со најразлични активности ја одбележуваат Европската недела на мобилноста.