Дебата „Климатското затоплување на Балканот и обновливите видови енергија“ со амбасадори во Македонија


Во организација на Францускиот институт во Скопје денеска ќе се одржи еднодневна онлајн дебата насловена „Климатското затоплување на Балканот и обновливите видови енергија“.

Главните теми на кои ќе се осврнат учесниците се: миграција на населението со силна концентрација во Скопје, производството на електрична енергија базирано на термоелектрични централи и јаглен, недоволната свесност за обновливите извори на енергија, греењето во домовите каде што се користат горива со ниска цена, како и за потребата од поразвиен јавен превоз.

Целта на настанот што се одвива во рамките на Фондот д’Аламбер, со поддршка на Францускиот институт во Париз, е да се поттикне дебатата околу заштитата на животната средина, а франуските учесници ќе може да ни го пренесат нивното искуство.

Дебатата ќе ја отворат: Сирил Бомгартнер, амбасадор на Франција, Рејчел Галовеј, амбасадорка на Обединетото кралство кое ќе биде домаќин на конференцијата за климатски промени во 2021, во Глазгов и градоначалникот на Скопје Петре Шилегов.

Учесници се француски и македонски интелектуалци и активисти во еко сферата: Жил Беф, еминентен биолог, професор на Универзитетот Пјер и Марија Кири, Сорбона и професор на Колеж де Франс , Михаела Жиртан, професор на Универзитетот Анже, Никола Наумовски, шеф на кабинет на Градоначалникот на Град Скопје, Антонио Јовановски од НВО „Go Green“, Ана Чоловиќ-Лешоска, извршна директорка на НВО „Еко свест“, Александар Дединец, научен соработник во Македонската академија на науки и уметности  и Емануел Рембер советник за култура во Амбасадата на Франција и директор на Францускот институт во Скопје.

Настанот ќе се одвива на зум платформата со симултан превод.