Даравелски излезе од затвор
По 20 години надвор од Македонија и 35 дена во затвор, ексдиректорот на Царинската управа, Драган Даравелски излезе од Идризово и се упати дома, во Куманово, каде ќе го чека повтореното судење за делото „злоупотреба на службената положба и овластување“, за во 2008 година беше осуден на затворска казна од седум години.
Случајот се враќа на ново судење, откако тоа го одобрија скопскиот кривичен суд и Апелацискиот суд, а поради неговото тврдење дека со казната се запознал кога на 11 јануари годинава влезе во Македонија. Но, на повтореното судење се очекува да биде ослободен од гонење поради застареност на делото. Од кривичниот суд за ТВ24 велат дека предметот се уште не е распределен кај судија.
„Оформен е кривично правен предмет кој согласно АКМИС системот ќе биде распределен на понатамошно постапување кај судија од одделот кривично полнолетни, кој дополнително треба да се запознае со предметот“ – велат од Кривичен суд Скопје.
Даравелски во 2008 година доби правосилна пресуда, дека проневери 2,5 милиони евра како директор на Царинската управа, а во периодот помеѓу 1999 и 2002 година. Тој доби неколку кривични пријави за злоупотреба на службената должност и овластувања по разни основи, а најтешката беше за неуплатување на приходите од царините во Буџетот на државата и за отуѓување возила кои на други институции, а кои биле сопственост на Царината.
Во 2010 година пак, државата почна со заплена на имотот на Даравелски кој успеја да го детектира, имот во кој спаѓаат и стан во Скопје и дуќан во Куманово вредни речиси 200.000 евра. Запленет беше и имот зад кој формално стојат други лица, но државата открила дека вистинскиот сопственик е ексдиректорот на Царинската управа, а во конфискацијата влегоа и неговите акции во повеќе фирми, вредни над 1,5 милиони евра.