Данската армија нарача 750.000 пара дебели чорапи од Финска, oсобено погодни за Гренланд
![](https://nezavisen.mk/wp-content/uploads/2025/02/corapi-debeli.jpg)
Финска компанија за производство на чорапи ја доби најголемата нарачка во историјата на компанијата, од данските одбранбени сили.
Според финските медиуми, данската војска нарачала 750.000 пара чорапи од мерино волна од финската компанија Sukkamestarit.
Четиригодишниот договор е вреден најмалку четири милиони евра, а се проценува дека цената би можела да се движи до 10 милиони евра.
„Чорапите се направени во пет различни модели, од кои најдебелите се погодни за арктичките услови на Гренланд“, велат од компанијата.
Поврзаноста со Гренланд е особено интересна со оглед на неодамнешните тензии меѓу Вашингтон и Копенхаген околу статусот на овој остров.
Победата на финската компанија на тендерот беше изненадување, со оглед на тоа што понудата на фирмата беше втора на листата по вредност.
„Данските одбранбени сили нè избраа како најдобра, а не најевтина опција. Добивме убедливо најдобри резултати и на теренските и на лабораториските тестови. Многу сме горди“, рече директорот на компанијата Јуси Коскинен.
Посочуваат дека оваа работа сега им отвора врати и за другите земји од НАТО.
„Првиот чекор сега е направен, убеден сум дека тоа ќе отвори нови можности“, заклучи директорот.