Даниела Иротова-Лазарева е нова директорка на Платежната агенција


 

Даниела Иротова-Лазарева е новата директорка во Платежната агенција на Македонија, потврди министерот  за земјоделие Цветан Трипуновски.

Даниела Иротова-Лазарева се смета за  добар познавач на состојбите во земјоделието, како поранешен државен секретар во МЗШВ, а била и претседавач на Комитетот за следење на ИПАРД програмата 2021-2027 година, назначена во ноември лани. Таа била и пратеник во македонското собрание.

„На последната владина седница минатата недела назначен е нов директор на Платежната агенција кој од денеска стапува на должност и ќе ги движи процесите во нормален тек за да не се појави паника или загриженост кај земјоделците, туку ќе продолжиме со тековно работење на Агенцијата. Новиот директор е Даниела Лазарова-Иротова, поранешен државен секретар во Министерството за земјоделство“, рече министерот за земјоделство Цветан Трипуновски денес во Прилеп.

Од она што може да се најде како податок за Даниела Иротова-Лазарева е дека таа е дипломиран инженер по општо шумарство на Факултет за шумарство на „Кирил и Методиј“ –  Скопје.

Назначувањето на Иротова-Лазарева доаѓа по големиот корупциски скандал во Платежната агенција околу спроведувањето и реализирањето на ИПАРД 3 Програмата. Стоилев и уште неколкумина вработени во МЗШВ и УЈП е во притвор. Се работи за ветен поткуп од 50 илјади евра.  

Инаку, министерот Цветан Трипуновски уверува дека исплатите на субвенциите за земјоделеците од националната програма ќе продолжат тековно и вели  земјоделците не треба да се грижат за државните субвенции бидејќи времено се стопирани само средствата од ИПАРД Програмата.

„Платежната агенција е поделена на две структури на националните плаќања – субвенциите кои ги исплаќаме од нашиот национелен буџет, а другиот сектор е реализација на ИПАРД средствата на кои што сме корисници како средства од Европската Унија. Овој сектор на ИПАРД средствата е под наша национална ревизија заради тоа што се случувало внатре, додека останатите тековни плаќања од националната програма по однос на националните финансирања ќе си продолжат тековно. Земјоделците не треба да се загрижени, плаќањата нема да бидат запрени“, рече министерот Трипуновски.

Сточарите ги чекаат субвенциите за овците, доисплата од 1.400 денери по грло овца за 2024 година, а неиплатена е и премијата за млекото за одгледувачите на крави, овци и кози за 2025 година. Пред изборите само мал дел од одгледувачите на крави добија премија за млекото. Другите немаат земено ни денар за 2025 година. Субвенции по неколку основи чекаат и градинарите и овоштарите за минатата година и дел неисплатени за 2023 година.

Министерот Трипуновски изјави дека нема да даде иставка поради големиот курупциски скандал во Платежната агенција. Тој не чувствувал одговорност.  

„Одговорност во моментот треба да даде тој што е фатен на дело за злоупотреба и прекршување на законите. И мислам дека таму ќе се води истрагата до крај, апелирам да биде до крај и сите коишто се евентуално инволвирани во целиот случај да одговараат“, изјави Трипуновски за Канал 5. (А.Б.)