Даниела Андоновска Трајковска нов претседател на Македонско научно друштво-Битола


Универзитетскиот професор д-р Даниела Андоновска Трајковска избрана е за нов претседател на Македонско научно друштво-Битола, најстарата научна асоцијација во земјава, формирана во 1960 година.

На синоќешното изборно собрание, Андоновска Трајковска освен едногласна поддршка за нејзината кандидатура и програма за работа, доби поддршка и за нејзините соработници, новиот потпретседател, членовите на управниот, надзорниот одбор, етичката комисија и уредувачкиот совет на МНД-Битола.

По изборот, проф. д-р Даниела Андоновска Трајковска, долгогодишен активен член на Друштвото и редовен професор на Педагошки факулет-Битола истакна дека МНД треба да се негува и одржува и тоа ќе се постигне со соработка и придонес од страна на сите членови на Друштвото кое догодина ќе слави јубилеј, 65 години од основањето.

Членовите на собранието ги поздрави ректорот Игор Неделковски, воедно поранешен претседаел на МНД-Битола кој најави отворена поддршка од Универзитетот „Св. Климент Охридски“ и вклучување на МНД-Битола во проектите на алијансата на европски универзитети КОЛОРС.

Во периодот од 2024 до 2026 година, функцијата потпретседател на МНД-Битола ќе ја врши проф. д-р Силвана Нешковска, а уредувачкиот совет ќе го предводи проф. д-р Моника Ангеловска Дичовска.