Даниел Сервер: Вучиќ ја спроведува стратегијата на Путин од 2014 во Донбас

Американскиот професор смета дека насилното уривање на барикадите, кое би го извршиле КФОР и косовската полиција, може да предизвика хаос


 

Силата која сега стои зад барикадите со формирање на заедница на општини со српско мнозинство би станала влада која би ја предводeла институцијата која државата Косово ја признала и прифатила, тврди американскиот професор Даниел Сервер.

Во новата колумна посветена на тензиите на северот на Косово, Даниел Сервер, угледен американски професор од Универзитетот Џон Хопкинс и експерт за ситуацијата на Балканот, предупреди дека секое попуштање на властите од Приштина ќе има катастрофални последици за таа земја и ги повика американските политичари да ги преиспитаат своите политики на Западен Балкан, пишува Ал Џезира Балканс.

Опишувајќи ги тензиите на северот на Косово, Сервер изјави дека „српските хулигани блокираат патишта, напаѓаат новинари, пукаат во полицијата и членовите на КФОР“, но и дека „тие не се случајни бандити“, туку оние кои се „платени и под контролата на Белград“.

„Какви и да се првичните оправдувања за ваквото однесување, крајниот ефект е да се поткопа дијалогот со Приштина и да се спречи сериозно разгледување на сè уште необјавениот и затоа сè уште нејасен француско-германски предлог за привремена ‘нормализација’“, пишува Сервер.

Во формирањето на заедница на општини со српско мнозинство, за што се залага Белград, американскиот експерт вели дека „постојниот неред несомнено докажува дека отстапувањето по ова прашање во сегашните услови би било погубно за државата Косово“.

„Моќта што сега стои зад барикадите тогаш ќе стане моќ што ќе ја води институцијата што државата Косово би ја признала и прифатила. Би било повеќе од глупаво да се направи тоа, не само затоа што овие власти се криминални и поврзани со српските тајни служби“, додаде тој.

Според Сервер, сегашната ситуација треба да ги „засрами сите американски и европски дипломати кои се залагаа за заедницата на општините со српско мнозинство“, а деја „главни меѓу нив“ се Габриел Ескобар, заменик-помошник секретар на американскиот Стејт департмент за Западен Балкан, советникот на Стејт департментот, Дерек Шоле, и шефот за надворешна и безбедносна политика на ЕУ, Жозеп Борел.

„Тие мислеа дека давањето заедница на општини со српско мнозинство на Белград ќе ги ублажи нивните ставови. Тоа беше глупаво. Наместо тоа, ги добија напорите за дестабилизација на (српскиот претседател Александар) Вучиќ. Тие добија и серија навредливи твитови упатени до Германците и другите Европејци од Белград. Ова вклучува охрабрување на распоредувањето на српските трупи во Косово и ставање до знаење дека Белград засега не е заинтересиран да ја реализира својата декларирана амбиција за членство во ЕУ“, рече Сервер.

Тој смета дека насилното уривање на барикадите, кое би го извршиле КФОР и косовската полиција, може да предизвика немири.

„Жешките глави во Косово бараат КФОР во соработка со косовската полиција да ги урне барикадите. Ако не е внимателно подготвено и изведено, може да направи голем хаос и да предизвика срам за инволвираните страни. Многу е подобро да се преговара за крај на немирите од позиција на моќ. Само ако овие преговори не успеат, треба да се употреби сила, решително и ефективно. Водачите на немирите треба да бидат уапсени и судени во Косово или депортирани во Србија, под услов Белград убедливо да вети дека ќе ги гони“, тврди Сервер.

Дополнително, нагласува тој, „Европа и САД треба јасно да ѝ кажат на Србија дека предизвикувањето неред во Косово има последици“, а го цитираше мислењето на аналитичарот од БиХ, Јасмин Мујановиќ.

„Поточно, петте земји од ЕУ кои не го признаваат Косово мора да видат како и ги олеснуваат работите на Србија. Целосното признавање на суверенитетот на Косово и почетокот на неговиот прием во ЕУ и НАТО е нешто што Западот може да го направи денес, без да бара никаков придонес од Белград, Москва или Пекинг“.

„Ова има смисла. Дури и ако една или две земји кои не го признаваат Косово направат како што сугерира Јасмин, тоа би направило голема разлика кога станува збор за воинственоста на Белград. Вака или онака, Западот мора да покаже дека дестабилизацијата не е во интерес на Србија и дека никогаш повеќе нема да се повтори“, додаде Сервер, кој смета дека Вучиќ во Косово ја спроведува стратегијата на рускиот претседател Владимир Путин од 2014 година во Донбас.

„Не може да се дозволи никаде дека се исплатува агресијата преку дестабилизација“, рече тој.