Данела: Заев да ми се извини и да даде оставка
Кандидатката за градоначалник на Скопје, Данела Арсовска, го повика премиерот Зоран заев да си даде оставка во понеделник ако СДСМ го изгуби Скопје.
-Вашата оставка нека биде првото ветување што сте го дале, а сте го исполниле. Затоа, драги мои скопјани, драги мои сограѓани да му помогнеме да си замине. Да ја започнеме промената во Скопје, изјави Арсовска во своето вчерашно обраќање на митингот на ВМРО-ДПМНЕ.
Таа порача дека сега е време за промени кои ќе донесат поубави денови за Скопје и скопјани.
-Последните денови од оваа кампања покажаа појасно од кога било досега дека на Скопје му требаат промени, дека и на Македонија и требаат промени. Последните неколку дена од оваа кампања го открија вистинскиот лик на владејачката партија, ликот на премиерот и ликот на градоначалникот во заминување. Сè што слушнавме од нив беа лаги, лажни вести и навреди. Никој веќе не ви верува, вашата црна кампања за жал нема да ве спаси. Граѓаните сакаат лидери кои стојат на својот збор. Сега е вашето време да се извините – не мене, затоа што мене многу неправда ми нанесовте. Време е да се извините на граѓаните кои секојдневно ги лажете. Време е да се извините што не исполнивте 95 отсто од вашите ветувања, господине Шилегов – за запоставување на Скопје, за нерешавање на сообраќајниот хаос, за уништување на нашето зеленило и за несправување со загадувањето на нашата животна средина, им порача Арсовска.