Данела Арсовска се жали дека Стевчо Јакимовски ѝ врши притисок

Градоначалникот на Карпош наместо вината да ја бара во неговиот претходник, се обидува да изврши медиумски и институционален притисок врз Градот Скопје, велат од кабинетот на Арсовска


Градоначалникот на Карпош, Стевчо Јакимовски, се пожали дека подолго време не може да стапи во контакт со градоначалничката на Скопје, која беше избрана со поддршка на неговиот поголем коалициски партнер-ВМРО-ДПМНЕ.
 
„Имам потреба вака јавно да се обратам. Веќе 45 дена го молам Градот Скопје да назначи комисија за урбанизам, бидејќи старата комисија е суспендирана, а немаат назначено нова  за да го одобри деталниот урбанистички план за кој што сме ние тужени, а тужителот бара 15 милиони евра оштета.Досега имав средба со јавниот правобранител и со правобранителот кој го води предметот. Инсистираат планот итно да се донесе и на инвеститорот да му се понуди парцелата која е суспендирана со поништување на планот. Ова е последниот начин со кој што можам евентуално да влијаам за позитивно решение на проблемот за Општината Карпош да не биде доведена во тешка материјална состојба“ , напиша Јакомовски на својот фејсбук профил. 
 
Од кај Арсовска возвратија дека Јакимовски врши медиумски и институционален пристисок врз Градот, за  да се даде позитивно мислење за планот.
 
„Градот Скопје не учествувал во постапката за поништување на претходниот урбанистички план во Општина Карпош, за да преземе каква било одговорност за било каква штета настаната поради суспензија на претходен урбанистички план, ниту учествувал во постапката за продажба на земјиштето. Градоначалникот на Карпош наместо вината да ја бара во неговиот претходник, се обидува да изврши медиумски и институционален притисок врз Градот, за позитивно мислење на одреден урбанистички план“, велат од кабинетот на Арсовска.