Арсовска сменета од функцијата во ЗЕЛС, нов претседател Орце Георгиевски од Кисела Вода

ВМРО-ДПМНЕ поднесе барање за смена на Арсовска од местото претседателка на ЗЕЛС, Управниот одбор едногласно го прифати


Фото: Б. Грданоски

Неочекувано, градоначалничката на Скопје, Данела Арсовск,а ја изгуби една од најважните функции во државната локална самоуправа – претседателка на ЗЕЛС. Таа денеска е разрешена од претседателка на Заедницата на единиците на локална самоуправа (ЗЕЛС) со едногласна одлука на Управниот одбор.

Барањето за нејзино разрешување стигна од градоначалниците од редовите на ВМРО-ДПМНЕ, а предлогот нејзин наследник да биде градоначалникот на Кисела Вода, Орце Георгиевски, беше едногласно прифатен.

Арсовска беше избрана за претседателка на ЗЕЛС на 22 декември 2021, кога потпретседатели станаа градоначалникот на Валандово, Перо Костадиновски, и градоначалникот на Чаир, Висар Ганиу.

На оваа одлука на Управниот одбор на ЗЕЛС веднаш реагираа од Градот Скопје, тврдејќи дека коалицијата на ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ се покажала на дело. 

„Ова е само последниот пример за соработката помеѓу две партии на штета на граѓаните за нивните лични и теснопартиски интереси. На постојниот политички естаблишмент очигледно му пречат луѓе со визија, вредни и чесни, луѓе кои се независни и делуваат исклучително во интерес на граѓаните. На СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ очигледно им пречат луѓе кои знаат да кажат не на корупцијата и криминалот, луѓе кои јавниот го ставаат пред бизнис интересот на врхушката во партиите. Истите луѓе кои се најзаслужни за ерозија на македонското општество во сите сфери од денес ја превземаат контролата врз единствената национална асоцијација и непрофитна организација, во која на доброволна основа членуваат сите 80 општини и Градот Скопје“, реагираше кабинетот на Арсовска.