Данела Арсовска експресно го разреши директорот на Зоолошката градина


Градоначалничката на Скопје Данела Арсовска експресно го разреши директорот на скопската Зоолошка градина Кристијан Стаменов по монструозната вест дека заклал десет коњи што биле запленети од дрвокрадци – за да ги храни со нив лавовите.

Во соопштението на Град Скопје стои дека културни, образовни и научни, се основните дејности на ЗОО Скопје, а нејзина основна цел е да ги чува, одгледува и презентира живите експонати и истите да ги направи достапни за пошироката јавност.

„Личната одлука преземена од страна на директорот не соодветствува со основните заложби за хумано чување и одгледување на животни и за истото мора директорот да понесе одговорност, поради што истиот се разрешува“, објавија од Град Скопје.  

Ова не го тргнува прашањето кој воопшто именувал ваков некомпетентен и хумано несоодветен кадар да се најде на оваа директорска позиција.

Стаменов е син на поранешна директорка на Зоолошката градина именувана од градоначалникот Коце Трајановски . Во негово време во 2011 година Стаменов  бил вработен исто така, а  кога Данела Арсовска стана градоначалничка го стави на оваа директорска позиција, која очигледно ја заслужил по партиска линија. Според оценки на вработените во Зоолошката градина вакво нешто не  виделе досега, за што говори фактот дека вработени плачеле додека се случувал настанот. Инаку кога ја преземаше функцијата Стаменов се сликаше со ламур на рамо за да се престави како љубител на животните, во недостиг на други квалификации.