Данела Арсовска асфалтира сѐ што ќе стигне во скопскиот Градски парк

Асфалтирањето на земјените патеки во Паркот е урбанистички криминал. Градоначалничката реши да му се поклони на асфалтот токму онаму каде што не треба


 

Ако Данела Арсовска по некаков фантастичен случај беше градоначалничка на Париз и ги испратеше градежните машини да ги асфалтираат Тилериските градини во самото срце на француската метропола, таа можеби ќе беше обвинета и за кривично дело. Па дури и да отиде в затвор. Тилериските градини на потегот од Лувр до Триумфалната порта креирани од Катерина ди Медичи и отворени за широката јавност во 1667 од тогаш до ден ден се конципирани со набиена тврда земја и редови дрва за прошетки на парижаните. Никој не би можел ни да помисли дека во овие градини може да асфалтираат патеки за да не се крева прашина или да се создаваат вирчиња вода.

Но на Данела Арсовска ете ѝ паднало на ум да ги асфалтира повеќето преостанати земјени патеки во Градскиот парк во Скопје затоа што имало поплаки од некои граѓани. „Бидејќи станува збор за земјени патеки се собира вода, кал, а од ризлата се крева прашина и се разнесува на сите страни. Мајки се жалаа дека до детското игралиште не можат да пристапат со количка. Се асфалира само оној дел што е потребно“, објаснуваше кабинетот на Арсовска по бурните реакции на граѓаните. 

Но изгледа не е не е само она што е потребно, туку сето што е со земјени патеки. Затоа што претходно во соопштението на Градот беше наведено дека „со реконструкцијата во оваа фаза е предвидено да бидат опфатени пешачки патеки на вкупна површина од 12.500 квадратни метри во првиот дел од Градскиот парк. Од вкупната површина 7.500 квадратни метри се пешачки патеки што се покриени со ризла кои ќе бидат асфалтирани, а 5.000 квадратни метри пешачки патеки кои се затекнати во лоша состојба со големи оштетувања, ќе бидат санирани со нова асфалтна маса“. И уште дека „Паркот, во кој патеките со години стоеа искршени, по реконструкцијата ќе биде преубав“.

Можеби Данела Арсовска и оние што ја советувале да го постели паркот со асфалт навистина мислат дека „ќе биде преубав“. Ако навистина мислат така значи дека тие немаат речиси никаков допир со тоа како се организираат паркови, дали асфалтот во нив го загрева воздухот наместо да го разладува, дали воопшто се консултирале со архитекти, урабанисти, екологисти или сѐ се оставило на Секторот за уредување на Град Скопје и до асфалтерите од „Улици и патишта“.

Од почетокот Данела Арсовска го врви мандатот излетувајќи на секоја блага кривина. Во кампањата таа тврдеше дека е најдобра менаџерка во регионот, а веројатно и во Европа. Дали тоа била измама наменета за гласачите или, всушност, била самоизмама, не би можеле да кажеме. Но бурните реакции на јавноста по сликите со пофалба како се асфалтира кружната патека околу лавиринтот (нека најде, ако може, Данела Арсовска еден пример во светот каде што се асфалтира околината близу до некој зелен лавиринт), покажаа дека раководството на Градот Скопје изгледа не разбира каква мултуфункционална метропола треба да води.

Поранешниот градоначалник на Скопје, Петре Шилегов, во својата реакција вели дека „изборот на асфалт како подлога за патеки во парк, во денешно време, е работа на тотално незнаење и дефинитивно на лош, ама многу лош вкус“. Шилегов е многу умерен во реакцијата, затоа што злосторот што му се прави на делот од паркот изграден од Османлиите на почетокот на 20. век, не е прашање на лошиот вкус. Тоа е прашање на урбанистички криминал.

Токму тоа го наведува во својата реакција платформата Македонска архитекура (МАРХ) осудувајќи го потегот на градската власт.

„Она што навистина зачудува е неразбирањето на дизајнот на овој простор. Патека од песок не е незавршен проект, туку наменски дизајн. Доколку е деградирана треба да се постави нов слој на песок. Не секоја патека во парковите треба да е асфалтирана, поплочена и погодна за ‘ролери’. Истото можете да го сретнете во секој поголем стар парк низ светот, Версајските градини, Паркот Луксембург во Париз, Централ парк во Њујорк, потоа хортикултурното уредување на сите дворци и палати – буквално насекаде. Просторниот дизајн на овој дел од паркот, кој е планиран во еден потег со некогашниот Кермес го формираа тој амбиент. Градската кафеана била паралела на летните палати сместени во длабочините на дворските градини, каде одморате по долгите прошетки“, нагласија од МАРХ.

Прашање е дали некој од Градот или најдобрата менаџерка во регионот, а веројатно и во цела Европа, ги разбира овие постулати или е поважно валјаците на „Улици и патишта“ да се најдат во работа.

Реагираше и Граѓанската иницијатива „Зелен хуман град“ и побара од градоначалничката Данела Арсовска да се прекине со асфалтирање на земјените патеки и наведува стратешки документ. „Во Стратегијата за отпорно Скопје од 2017 се вели ‘Колку повеќе бетон и асфалт, толку повисока температура. Потребни се повеќе зелени површини, зелени покриви и зелени фасади’. Конвенционалните материјали за поплочување можат да достигнат летни температури и од 48-67°степени. Ако земеме предвид дека според картата на урбани топлински острови, централното подрачје на Скопје се издвојува како најтопло место во кое се забележани највисоки среднодневни температури, тогаш е сосема јасно дека сите напори и активности на Градот мора да се насочени кон намалување на температурите, а тоа секако не се постигнува со нанесување црн асфалт кога постојат далеку поадекватни алтернативи“, велат од „Зелен хуман град“.

Но тие во својата реакција само делумно го адресираат проблемот. Проблемот со загревањето на паркот е еден, но неговото ужасно деградирање поради аматерски волунтаризам е многу поголем. Затоа што по ваква неграмотна постапка ќе следи уште понеграмотна, па потоа уште една со степен повисоко – сѐ за „модерното“ Скопје, како што сакаше да зборува во својата кампања Данела Арсовска. Тоа е – модерното за некои е длабок поклон кон асфалтот. Само неволјата е што по некоја случајност тие во одреден момент се нашле да управуваат со метропола како Скопје. Тоа се подготвува да прими уште една тешка лузна на своето лице. (Љ.П.)