Какво дејство има музиката врз човековото здравје?  


Сте размислувале ли некогаш какво дејство има музиката врз човековото здравје и како таа може да се користи во терапевтски цели? Постојат докази за клиничко користење на одредени музички фреквенции или форми за да се подобри брзината на срцето, да се намали анксиозноста и да се подобри функцијата на мозокот, со што се зголемува способноста за учење.

Многумина и не знаат дека постои ваков вид терапија и како различните фреквенции и бинаурални битови можат да ве опуштат или да ја зголемат вашата подготвеност за работа. Музиката потпомага во физичката рехабилитација, подобрувајќи го движењето преку зголемување на човечката мотивација и нудејќи емоционална поддршка со која полесно се изразуваат чувствата.

Ова е веќе етаблирана медицинска практика во некои земји, каде што клиентите се поттикнуваат дури и сами да пеат, да го слушаат и следат својот глас, на тој начин враќајќи си ја самодовербата, која потоа ги зголемува нивните лични капацитети за самолекување. Не мора да сте музичар за да се лекувате со ваков вид терапија. Сè што треба е да најдете време и да изучите нешто повеќе за различните видови фреквенции и да ги примените во секојдневјето. Дури и ако тоа ви претставува тешкотија, добро е да најдете музика за која ќе откриете дека благотворно влијае врз вашиот психофизички баланс.

Музиката им помага на оние клиенти на кои им е тешко да се изразат со зборови, преку активирање на посебни места во мозокот. Таа може да им помогне на луѓето што веќе имаат некаква болест или, пак, се едноставно преморени и им е потребен одмор. На тој начин доаѓа до релаксација, а потоа се доаѓа до креативни солуции. Светот на музиката е апстрактен и не е ништо помалку важен од конкретната реалност, која не секогаш може да даде логични одговори. Дури и Питагора, Платон и Аристотел пишувале за тоа како музиката влијае врз здравјето и однесувањето, а во современата доба, таа се користи редовно уште од педесеттите години наваму, особено при повредите на мозокот или болестите поврзани со деменција, бидејќи таа активира толку многу сектори во мозокот и прави нови конекции помеѓу нервите. Секој човек има свој сопствен ритам, кој му помага да се движи, да диши и да живее на единствен начин.

Како функционира ваквиот тип терапија?

Музичката терапија влијае врз повеќе начини и е докажано дека различни видови ритам влијаат врз работата на срцето, а со консолидацијата на неговата брзина, се подобрува дишењето, со што на природен начин доаѓа до продукција на ендорфини, кои се природни аналгетици. Потоа самиот тип музика може да има смирувачко дејство и да ја намали мускулната тензија, со што доаѓа до природна релаксација. Со музиката можеме да ги отпуштиме негативните шеми на размислување и да се ослободиме од потиснатата болка од некое неразрешено прашање и на тој начин да го коригираме своето однесување.

Дали можете сами да се лекувате со музика?

Секако дека можете да го сторите тоа! Најверојатно и самите потпевнувате додека работите или заигрувате во ритамот на некоја песна чуена преку радиостаниците, но добро ќе биде ако свесно одберете конкретен вид музика која има одредена фреквенција, со која ќе може да заспиете, да се разбудите полесно и да работите, а потоа и да се опуштите. Бинауралните битови и таквиот вид музика ги активира еднакво и двете хемисфери на мозокот, прво дејствувајќи врз свесната, а потоа и врз несвесната страна. Тоа има ефект на медитација, а се користат и пет вида фреквенции, кои ги разбира мозокот. Тие се:

Гама-бранови > 40 херци

 

Гама-брановите се поврзуваат со повисоката ментална активност, вклучувајќи ја и повисоката перцепција, решавање проблеми и повисока свест.

 

Бета-бранови 13–39 Хц

Бета-брановите се задолжени за активно размислување, за работа, активна обработка и концентрација, возбудување и сознавање, но може да доведат до анксиозност ако се на повисока фреквенција.

 

Алфа-бранови 7–13 Хц

 

За алфа-брановите е познато дека имаат смирувачко дејство, дека опуштаат, но и дека ве држат во одредена будна состојба, т.е. свесност.

 

Тета-бранови 4-7 Хц

Овој вид бранови се користат за да се постигне длабока медитација, релаксација и РЕМ-спиење, кога доаѓа до рапидно движење на очите кога се сонува, а на тој начин се зголемува креативноста.

 

Делта-бранови < 4 Хц

Овие бранови се задолжени за постигнување на длабок сон, како и за губење на свеста на телото, поврзано со спиење без сон.

Секако, не мора ова да го знаете ако сакате да свирите на некој инструмент. Свирењето на некои видови инструменти помага при креативното изразување и го намалува стресот, а слушањето музика доведува до релаксација. На тој начин, ја враќате мотивацијата во животот, како и храброста. Со музиката успешно се третираат анксиозноста и депресијата, се зголемуваат когнитивните капацитети кај децата, а таа помага и при Алцхајмеровото заболување, како и деменцијата, но и во намалувањето на болката при терминалните болести или постоперативни шокови и трауми.

Доколку сакате да го испробате ваквиот тип терапија, распрашајте се кај својот матичен лекар или најблискиот медицински центар т.е. амбуланта, каде што ќе добиете информации каде да се обратите понатаму или како и самите да го практикувате тоа. Музиката е вид уметност што им помага и на здравите луѓе и со неа може да се третира целата популација.

Ирена Танчева