Дали во Бугарија ќе продолжи процесот на „депутинизација“ или пак на „русификација“?
Во политиката на сеќавање во Македонија нема никаков мит дека нѐ ослободиле Русите, дека ни ја создале државата и армијата
Поларизацијата во Бугарија продолжува на „русофилски“ и „антирубљаџиски“ политички камп, кој настојува да се се спроведе „депутинизација“. Русофилите во Бугарија, пак, играат на веќе познати антизападни популистички карти. Дали во Бугарија ќе продолжи процесот на „депутинизација“ или пак на „русификација“?
Бугарско-руско шоу во авијацијата, медиумите и политиката Во бугарските медиуми на 25 јуни прочитав дека илјадници Бугари со часови чекале во редови за да се фотографираат со советските авиони „Миг 29“ на големиот авио-митинг во базата „Граф Игнатиево“, на кој присуствувал и сегашниот претседател Радев. Генералот Румен Радев, кој уште во 2008 беше убедуван од Слави Трифонов да стане политичар, медиумски и политички се себепромовираше како воздушен ас и бивш командант на воздухопловните сили, правејќи егзибиции токму со советски МИГ-29, опишуван како „најдобар авион“.
Оттаму, воопшто не е изненадувачки што поранешниот министер за одбрана Велизар Шаламанов (сега пратеник на „Демократска Бугарија“), искоментира дека „Последното такво шоу на аеродромот Софија беше планирано непосредно пред изборите 2014, сега пак мириса на избори и советските ‘МиГ-29’ и ‘СУ-25’, кои не се дел од целите на силите во НАТО ќе учествуваат во предизборна кампања…“
Наследникот на генералот Радев, медиумски претставен во идентична поза како Радев пред МИГ-29, му возврати – шоуто не било политичко, а авионите „не ни се советски, туку бугарски!“
Русев го демантираше „колегата“ Радев кој неодамна зборуваше баш за „руските самолети МиГ-29“, укажувајќи дека можат да летаат само уште една година, откако Бугарија декларираше дека ќе ја прекине воената „папочна врска“ со Русија. Ни Шаламанов не му остана должен на „новиот Радев“ обвинувајќи го офицерот за непрофесионализам и политизација, притоа потсетувајќи дека „кај нас со таков говор офицерите стануваат пратеници, премиери, па дури и претседатели“.
Очигледно, Бугарија декларативно се ослободува од советското вооружување, но многу потешко од руското влијание во авијацијата, медиумите и политиката на сеќавање. Руската пропаганда е препознатлива и во именувањето на воената база „Граф Игнатиево“ крај истоименото пловдивско село. Именувани се во чест на рускиот панславист Николај Игнатиев, потписник на Сан-стефанскиот прелиминарен мировен договор на 3 март 1878, датум кој се слави како национален празник на „ослободувањето на Бугарија“ по Руско-турската војна.
Бугарската држава како производ на рускиот панславизам и империјализам Зошто во С. Македонија нема (како во Бугарија) гратче, село, улици, училишта, споменик и воена база именувано во чест на грофот Николај Павлович Игнатиев? Во македонската одредница на Википедија Игнатиев е штуро опишан како „познат по неговиот агресивен експанзионизам во поддршка на рускиот империјализам“. Во бугарската одредница на Википедија пак се објаснува дека Игнатиев се однесувал кон Бугарите како кон вазални поданици, трудејќи се да ги потчини како „послушно орудие на руската политика“. Зошто Бугарија му оддава почит на руски дипломат кој ги третирал Бугарите како „вазали“?
Исто така, во бугарската Википедија пишува дека „беше иницијатор на склучувањето на Санстефанскиот прелиминарен мировен договор меѓу Русија и Отоманската империја на 19 февруари/3 март 1878 година, кој не бил во согласност со руското Министерство за надворешни работи, кој бил неспроведлив со оглед на тајниот договор од Рајхштат меѓу Русија и Австроунгарија склучен уште во 1876 година…“
Зошто Бугарија слави дипломат кој бил сменет затоа што склучил прелиминарен договор (спротивен на претходните договори на Русија да нема голема словенска држава на Балканот), за кој не бил ополномоштен, со што „ја влошил дипломатската позиција на земјата“? И зошто Руската амбасада направи изложба во Софија за „таткото на бугарската нација“ (како што го нарекоа некои современите панслависти/пропагандисти), но не и во Скопје?
Одговорот е едноставен. Затоа што македонската држава не е производ на рускиот панславизам и империјализам како што е бугарската држава создадена по Руско-турската војна.
Затоа во Скопје и во Македонија нема култ кон рускиот „Цар освободител“ ниту се меморизира Руско-турската војна како во Бугарија, каде што со споменици им се оддава почест на илјадниците загинати руски и романски војници при „ослободувањето“ од „отоманскиот јарем“.
Во Македонија не се слави ни прелиминарниот мировен договор од Сан-Стефано, а интересно прашање е зошто воопшто во Софија се слави нереализиран договор во кој воопшто не учествувале Бугари и во кој се споменува „окупациски руски корпус“.
Во Македонија не е присутен митот за „ослободителната мисија“ на „мајка Русија“, кој што е отелотворен во бугарската држава, историја и политика на сеќавање. Кај нас не се водат ни полемики (како во Бугарија) дали Русија била ослободител или окупатор. Во политиката на сеќавање на денешна Македонија нема ни мит за „ослободителната мисија“ на Србија во Балканските војни, а според некои кажувања, поранешните српски споменици на „Кралот ослободител“ и „Кралот обединител“ се стопени и од нив бил излеан новиот споменик на „Ослободителите на Скопје“. Токму овој споменик е дел од политиката на сеќавање на новата држава Македонија во која ослободувањето не се поврзува ниту со Руско-турската војна, ниту со Балканските војни, туку со антифашистичката борба во Втората светска војна.
Накусо, во политиката на сеќавање во Македонија нема никаков мит дека нѐ ослободиле Русите, дека ни ја создале државата и армијата, ниту има помен за некаков руски панславист кој сега македонските путинисти би можеле да го слават како „татко на македонската нација“. Веројатно затоа немаме ни воена база „Граф Игнатиево“, а ни претседател кој „билда“ рејтинг правејќи егзибиции со „руски МиГ-ови“, ниту пак народен култ кон руски воени авиони и руски панслависти-империјалисти.
Рускиот панславистички империјализам како надворешна политика и за Балканот
Руската воена агресија во Украина покажува дека Русија воопшто се нема откажано од својот панславистички империјализам како надворешна политика и пропаганда. Дури и кога ги гранатира, уништува и врши илјадници воени злосторства врз своите „словенски браќа“, систематски разурнувајќи ги нивните градови и села. Но, ни милитантната „русификација“ на Украина, окупирана како дел од „рускиот свет“, тешко им ги отвора очите на жртвите на „големата заблуда за панславизмот“, особено на Балканот. Како што укажа и Ерол Ризаов, „Панславизмот, или големата словенска држава е пропаганда градена врз маката и страдањата на словенските народи кои таа помош никогаш не ја добиле, а и кога ја добиле скапо ја платиле“.
Пример за тоа е Бугарија, која на „денот на ослободувањето“ 3 март 2022 доби „честитка“ од руската амасадорка Митрофанова која рускиот „поход кон Дунав“ пред 144 години го оцени како „важна мисија за спасувањето на православните браќа и сестри од османскиот јарем“. Митрофанова отиде дотаму што ја спореди Руско-турската војна со руската агресија врз Украина. За тоа сведочи и пропагандниот наслов „Митрофанова: Русија никогаш не започнувала војни“, што е класична „лажна вест“, историски демантирана од мноштвото воени инвазии на Русија. Митрофанова пропагира дека поголемиот дел од нејзините сонародници „ги восприемаат случувањата во Украина на ист начин како и пред 144 години – како праведни, одамна задоцнети дејства за заштита на жителите на Донбас од нацистичкиот режим во Киев“. Кирил Петков реагираше на неоснованата споредба на војната во Украина со „Ослободувањето на Бугарија“, истакнувајќи дека „нашата благодарност до рускиот народ за ослободувањето не може да се омаловажи со споредби со денешната братоубиствена војна во Украина“.
Русија се чини ја прелеа чашата во Бугарија кога Митрофанова почна да зборува од име на бугарскиот народ, коментирјќи ги протестите на проруската партија Преродба: „Народот на Бугарија не ја поддржува ниту реториката ниту акциите на нивната влада во врска со специјалната воена операција во Украина“, кажа Митрофанова. Петков остро реагираше дека е недозволиво туѓ дипломат да зборува од името на бугарскиот народ против бугарската влада.
Во меѓувреме, во бугарско-руското политичко шоу ситуацијата драматично ескалираше, а за тоа се погрижија шоуменот Слави Трифонов и неговиот сценарист кои излегувањето од владата го оправдуваа со „анти-македонистичка кампања“ и „патриотски говор на омраза“ кон тие што извршиле „национално предателство“ зашто сакале да го кренат ветото кон С. Македонија.
По изгласувањето недоверба на владата, премиерот Петков лично ја обвини и руската амбасадорка Митрофанова за брзиот пад на владата. И покрај искажаната „благодарност до рускиот народ за ослободувањето Бугарија“, турнатата влада на Петков панично почна да се „ослободува“ од „вишокот“ руски дипломати, што беше поддржано од ЕУ и НАТО. „Ослободувањето“ од дури 70 вработени во руската амбасада предизвика бура реакции: од проруската партија Преродба тоа беше оценето како газење на уставот, од некои проруски аналитичари како „објава на војна“, а од лидерот на Демократска Бугарија како задоцнето решение.
Јавноста во Бугарија дополнително се поларизираше откако амбасадорката Митрофанова се закани дека ќе препорача затворање на амбасадата во Софија, ако не се исполни ултимативното барање за отповикување на одлуката. Сепак, владата го отфрли рускиот „ултиматум“ и 70 руски дипломати и вработени одлетаа од Софија со два руски државни авиони. Додека Бугарија е сѐ уште во исчекување на дополнителни руски контра-мерки (покрај неиздавање визи и намалување на руските туристи), јавноста е поделена во однос на протерувањето на дипломатите. Од поголемите партии, БСП го оцени протерувањето на руските дипломати како неодговорно, штетно, дури и како „национално предавство“, а поранешниот претседател на БСП и Бугарија Прванов за протераните изјави дека „тие луѓе ја сакаат Бугарија и ние им направивме зло, како и на сите наши пријатели во Русија“. Прозападниот дел од јавноста, пак, го поздрави „протерувањето на руските шпиони“ и прекинувањето на врските со „Гаспром“. Лавров, пак, обвини дека станувало збор за политика на Вашингтон за „убивање на историската меморија на Бугарите“.
Поларизацијата во Бугарија продолжува, ќе има ли ново про-западно мнозинство?
Најновите истражувања на јавното мнение во Бугарија покажуваат дека Слави Трифонов и ИТН не успеаја политички да профитираат од антимакедонистичката кампања проследена со „патриотски говор на омраза“. ИТН која беше водечка политичка сила во Бугарија на изборите во јули 2021, една година подоцна со само 3.3% поддршка би останала надвор од парламентот. На Трифонов се чини му се заканува слична политичка маргинализација како и на Каракачанов, кој исто така не успеа да спечали политичка доверба со жестока антимакедонистичка кампања.
Според последното истражување, ако има предвремени избори, во парламентот нема да влезат пратениците на Слави Трифонов, туку на Стефан Јанев, перципиран како дел од русофилскиот блок. Не помалку интересен е забележителниот пад на довербата во Радев, кој го критикуваше не само протерувањето на руските дипломати, туку и тврдењата на секретарката на кабинетот на Петков дека руските пропагандисти во Бугарија биле плаќани и по 4 илјади лева месечно.
Набрзо ќе видиме дали мандатарот Асен Василев од ПП – партијата која има најголем коалициски потенцијал – ќе успее да формира „прозападно мнозинство“ (со проруската БСП кој стави вето за испраќање оружје за Украина), или ќе се оди на уште едни предвремени избори со уште еден службен кабинет на Радев.
Во секој случај, поларизацијата во Бугарија продолжува на „русофилски“ и „антирубљаџиски“ политички камп, кој настојува да се разоткријат во јавноста „рубљаџиите“ и да се спроведе „депутинизација“. Русофилите во Бугарија, пак, играат на веќе познати антизападни популистички карти. Лидерот на Преродба ги кажа антизападните услови за поддршка на новата влада – откажување на планот за воведување на еврото, итно раскинување на договорот за американски бази, референдум за НАТО, повторно преговарање за условите за членство во ЕУ, укинување на санкциите против Русија, како и преиспитување на одлуката на Националното собрание за Р.С. Македонија. Дали во Бугарија ќе продолжи процесот на „депутинизација“ (со поддршка на БСП) или пак на „русификација“? Дали „Руската империја“ жестоко ќе го возврати дипломатскиот удар, ќе го засили очебијното руско политичко-пропагандно влијание и ќе продолжи да ја продлабочува политичката криза во Бугарија, ќе видиме во наредните денови и месеци.
(Жарко Трајаноски е медиумски аналитичар во Институт за медиуми и аналитика ИМА)