Дали Владата вложува во Битола: жустра дебата во општинскиот совет
Градоначалникот Коњановски обвинува дека Владата лани не вложила ни денар во Битола, од опозицијата велат исплатила највисоки наменски дотации
БИТОЛА – Градоначалникот на Битола, Тони Коњановски, обвинува дека Владата на премиерот Димитар Ковачевски лани не вложила ниту денар во општината.
Коњановски пред битолските советниците на чии дневен ред беше Годишниот извештај и Завршната сметка за 2022 година за Општина Битола кажа дека во периодот до 2021 година, кога на власт беше градоначалничката на СДСМ Наташа Петровска, Владата префрлила средства на општината по неколку основи во износ од над 3 милиони евра, додека во 2022 година не е извршен ниту еден трансфер од Буџетот на државата кон буџетот на општината.
„Во време на енергетска и економска криза, кога централната власт покажа целосна незаинтересираност за поддршка на општина Битола, како локална самоуправа, успеавме минатата година да реализираме рекорден број на проекти во инфраструктурата, да ги стабилизираме јавните претпријатија за да може да функционираат, да ги заживееме културата и спортот и да започнеме со реализација на проекти, подобри услуги за граѓаните преку дигитализација и да овозможиме урбанистичко планирање“, рече Коњановски пред Советот на Општина Битола.
Опозицијата возврати дека Владата досега испратила најголема сума за наменски дотации до општина Битола, но нема одговор дали се испратени пари и за други проекти.
„Наменската дотација, за градинките, за училиштата, Пожарната, Зоолошката и другите приходи кои доаѓаат од Владата се најголеми досега. Како никогаш досега за наменската дотација се префрлени над 14,5 милиони евра. Џабе се жалопојките на сегашната локална власт дека Владата не ја подржува Општината. Бројките покажуваат дека во 2022 година во Општина Битола се дојдени најмногу пари од Владата. Во 2022 година и од трансфери и приходи кои ги собира државата, а ги префрлува на Општината има највисоки приходи многу повеќе отколку кога градоначалник беше Наташа Петровска и СДСМ. Неспособноста, а особено ненаменски трошењето на парите ја носат општината во банкрот“, рече советничката Јадранка Павловска од СДСМ.
Опозицијата уште пресметува дека само за 2022, општина Битола на чело со Коњановски, потрошила најмногу пари, над 30 милиони евра, односно, општината потрошила три 3 милиони евра повеќе отколку што собрала пари во буџетот, тоа се парите што Коњановски ги наследи во касата заштедени од бившата локална власт.
Коњановски е дециден дека „во 2022 година, општина Битола, не добила никаква финансиска поддршка од Владата. Добро е доколку советниците од локалната опозиција, научат точно да ги читаат буџетските ставки и трoшење на буџетските средства и да не се обидуваат, буквално да ја лажат јавноста, кажуваат дека Владата префрлила средства на општината, определувајќи ги како такви средствата кои ги плаќала општината кон економските оператори, преку трезорот во Министерството за финансии. Тоа не се средства кои општината ги добила од Владата, туку средства кои ги исплатила општината за одредени проекти“, реагира градоначалникот Коњановски. Тој спомена дека трошоците за електрична енергија се зголемени од 24 милиони денари во 2021 година на 95 милиони денари во 2022 година, што е зголемување од 300 отсто.
Коњановски се надева дека во идниот период ќе ја мотивира и централната власт да вложи во Битола, но и „да забрза со реализацијата на проектот за гасификација, кој за Битола е многу значаен како од еколошки, така и од енергетски аспект“. (А.Б.)