Дали Владата може да ја скроти инфлацијата? Засега, не
Мерките кои до сега ги презеде Владата дадоа само мала оддишка смирувајќи ги цените во март годинава, но потоа месечната инфлација повторно доби на темпо

Засега, ништо од заложбите за намалување на инфлацијата. Последните податоци на Државниот завод за статистика покажуваат дека на годишно ниво инфлацијата во јуни и натаму е висока и изнесува 4,5 проценти, а оптимизам не влеваат ниту месечните податоци кои покажуваат дека јуни во однос на мај е поскап за 0,8 отсто. Мерките кои до сега ги презеде Владата со ограничување на маржите дадоа само мала оддишка смирувајќи ги цените во март годинава кога на месечно ниво беа пониски за 1,3 отсто, но потоа месечната инфлација повторно доби на темпо – од 0,6 отсто во април, 1,5 отсто во мај, и сега 0,8 отсто.
Може ли Владата да застане на крај на ваквиот тренд? За сега, очигледно не.
Премиерот Христијан Мицкоски денеска изјави дека Владата ќе прави анализа за базичната инфлација по што ќе излезе со мерки за заштита од зголемените цени на производите.
„Мерките ќе бидат прецизни и таргетирани и објавени многу скоро“, рече Мицкоски одговарајќи на прашања на новинарите по средбата со странските инвеститори во Владата.
Тој посочи дека во Владата не биле среќни што ова се случува, но неопходна е детална анализа во делот на базичната инфлација.
„Разговарав со неколку економски професори и заклучокот е дека делот од производите кои ја креираат оваа инфлација можеби во односот добавувачи – маркети не е толку зголемено, колку во базичната инфлација и во делот на инфлацијата на услуги. Ќе има мерки многу скоро кои сакаме да бидат прецизни и таргетирани. Не сакаме да бидат мерки што ќе предизвикаат стихија“, рече Мицкоски.
Тој додаде дека забележано е големо отскокнување кај инфлацијата на услуги каде бројките се двоцифрени.
„Треба да видиме колкав е уделот на инфлацијата во услугите при создавање на базичната инфлација. Тука имаме отскокнување, двоцифрени бројки“, рече Мицкоски.
Тој ова го илустрираше со пример, велејќи дека кај земјоделските производи од пред недела-две во инпутот биле зголемени параметрите за два проценти, а во аутпутот за 11 проценти.
„Земјоделецот го продава производот на некој кој тој производ го носи во маркет и ако тој го продава за 11 проценти повисока цена, тогаш е јасно за што зборувам“, рече Мицкоски.
Инаку, како што покажуваат податоците на Државниот завод за статистика, во јуни најголем пораст кај трошоците на живот во однос на мај имало кај Транспортот, за 2,9 отсто, како и кај Храната и безалкохолните пијалоци, за 1,1 отсто, а исто толку и кај Рекреација и култура. На годишно ниво, пак, односно јуни годинава во однос на јуни минатата година трошоците за живот најмногу се зголемите кај Ресторани и хотели, за 7,6 отсто, Храна и безалкохолни пијалоци за 6,3 отсто, Алкохолни пијалоци тутун и наркотици за 5,9 отсто Рекреација и култура за 5,6 отсто и тн.
Владата, иако вети, се уште не излегува со потрошувачка кошница која, како што самата најави, реално ќе ги прикажува состојбите на пазарот.
Своевремено, кога ја промовираше идејата за државна потрошувачка кошница, наместо за синдикалната која со години ги прикажува трошоците за просечно четиричлено семејство, една од нелогичностите беше наведена е што во синдикалната кошница имало и производи кои не се сезонски, при што меѓу другото се спомнаа црешите. Апсурдот да биде поголем, токму ова овошје во екот на сезоната се продава по „солени“ цени од 300 денари за килограм, а викендов во еден од големите синџири маркети се нудеа по неверојатна цена од 999 денари за килограм. Доколку се реализира заложбата на Владата за потрошувачка кошница која ќе ги репрезентира цените од повеќе маркети, сосема е извесно дека тоа ќе придонесе за нејзина поголема вредност, што секако не и одговара на Владата.
Во реакција до медиумите, од опозициската СДСМ денеска посочија дека „Македонија тоне во нов бран на растечка инфлација, поради целосно промашената, аматерска економска политика на владата на Христијан Мицкоски“.
„Според најновите податоци на Државниот завод за статистика, годишната инфлација е зголемена на 4,5 % – за толку се зголемени трошоците на животот во јуни 2025 година во споредба со јуни 2024 година . Во истиот период цените на мало поскапеле за 3,7%. Статистиката не лаже – животот станува уште поскап, а инфлацијата притиска и ја опаѓа куповната моќ“, велат од СДСМ, додавајќи дека инфлацијата континуирано не само што го јаде семејниот буџет, платите, туку и економскиот раст.
„Мицкоски излажа за растот на БДП, не е 3,4% како што рече тој, туку 3%. Кога ќе се спореди со инфлација од 4,5% значи не само што нема раст, туку е негативен. Македонскиот БДП по жител, според куповната моќ, е само 42% од просекот на ЕУ, повисок просек од нашите граѓани има дури и земјите во регионот, Србија со 51%, Црна Гора со 53%“, се вели во реакцијата на СДСМ.
Инаку, според проекциите за ребаланост на Буџетот за годинава, за кои што се расправа во Собранието, инфлацијата годинава треба да е 2,8 отсто.
„Иако на почетокот од 2025 година беше регистриран нагорен тренд на инфлацијата поради притисокот од прехранбената компонента, мерките кои Владата ги донесе за ограничување на маржите, придонесоа кон значително забавување на цените во март и април. Базичната инфлација која бележи забавување на растот последните месеци се очекува да го задржи трендот и во наредниот период. Проекциите за инфлацијата се темелат на очекувањата за доследна примена на Законот за нефер трговски практики, кои треба да спречи неоправдано згoлемување на цените, особено на основните прехранбени производи“, се вели во образложението на Министерството за финансии за предлог ребалансот на Буџетот.
Во истото образложение се вели дека просечната стапка на инфлација во првите пет месеци од годината изнесува 3,7%.
„Инфлацијата во првите пет месеци од годината во најголем удел произлегува од прехранбената компонента, додека базичната регистрира постепено забавување. Во првите два месеци од 2025 година стапката на инфлација забележа нагорен тренд со значителен притисок од прехранбената компонента, додека во март и април забележано е значајно забавување на растот на цените, како резултат на мерките на Владата за ограничување на маржите на повеќе групи основни прехранбени производи, кои стапија во сила на крајот на февруари. Со завршувањето на мерките за ограничување на маржите во месец мај, инфлацијата повторно забрза на годишно и месечно ниво. Кумулативно во периодот јануаримај 2025 година, цените на храната и енергијата регистрираа раст од 3,4% и 1,2% соодветно, додека цените на нафтените деривати се намалија за 6,6%, што е во согласност со движењата на светските берзи. Базичната инфлација во анализираниот период изнесува 5,2% и во мај регистрира забавување на растот, при што најголем придонес во истата имаат цените во категоријата Ресторани и хотели“, образложија од Министерството за финансии.
И Народната банка укажува на претпазливост во однос на инфлацијата. На последната седница Извршниот одбор за монетарната политика беше одлучено каматната стапка на благајничките записи да остане на нивото од 5,35%, при што во образложението, меѓу другото се вели дека инфлациските остварувања и понатаму претставуваат важен сегмент што треба внимателно да се следи.
„Досегашните остварувања кај инфлацијата се малку над очекувањата, што покажува одредени продолжени ефекти и потреба од претпазливост. Најновите проекции за берзанските цени на примарните производи за следниот период се променети во надолна насока, но и покрај тоа неизвесноста од идната динамика на цените на примарните производи на берзите поради геополитичките тензии и климатските промени сѐ уште е високо изразена. Оттука, ризиците за идната динамика на инфлацијата и натаму постојат и се поврзани со продолжената неизвесност од променливото надворешно окружување, но и со домашни фактори коишто делуваат на побарувачката“, посочија од Народната банка.