Дали на еврозоната ѝ се заканува нова должничка криза: Сите очи се вперени во Париз


Пазарот на државни обврзници покажува колку сериозно се гледа на политичкиот хаос во Франција на финансискиот пазар.

Десетгодишните француски државни обврзници неодамна имаа поголем принос од грчките државни обврзници. Иако берзите ја игнорираа буџетската криза во Париз, оваа криза значително се одрази и на девизниот пазар. Имено, вредноста на еврото во однос на доларот се намали за 0,7 отсто, поради што едно евро неодамна изнесуваше 1,05 долари, што е блиску до годишниот минимум од 1,03 долари.

Причина за загриженост на пазарот е изјавата на претседателот на Судот на ревизори на Франција, Пјер Московиси, дека финансиската состојба на оваа земја е опасна.

Францускиот премиер Мишел Барние, кој ја предводи малцинската влада, има намера да го усвои буџетот за 2025 година, без гласање во парламентот, бидејќи тоа е уставно можно. Опозицијата најави гласање недоверба на владата доколку Барние го стори тоа. Власта и опозицијата немаат консензус за буџетот.

Доколку Барние се согласи со барањата на опозицијата за поголема буџетска потрошувачка, прашање е дали ќе може соодветно да се одговори на буџетскиот дефицит од 60 милијарди евра. Растот на дефицитот ќе значи и влошување на економската состојба. Односот на францускиот долг кон бруто домашниот производ (БДП) е 112,2 отсто, што е значително повисоко од просекот во еврозоната. Само Грција и Италија се во полоша позиција во овој поглед.

Претпоставката на Европската комисија е дека односот на францускиот долг во однос на БДП ќе се зголеми на 115 отсто во текот на следната година, а на 117 отсто во 2026 година. Правилото на Европската Унија е овој сооднос да не надминува 60 проценти.

Како што беше претходно наведено, останува неизвесно како Франција ќе ги стави под контрола своите буџетски проблеми. Ако владата на Барние падне по само три месеци на власт, нови избори не би можеле да се одржат пред јули следната година. Доколку власта остане на ставот, спорот меѓу власта и опозицијата за буџетот ќе продолжи на следните седници, од кои годинава има уште две.