Дали идеите го заслужуваат нашиот живот: Премиера на „Падот на Масада“ од Венко Андоновски во Драмски театар

Праизведба на „Падот на Масада“, според текст на Венко Андоновски, а во режија на Дејан Пројковски - последна премиера во Драмски театар Скопје за годинава, закажана за 28 декември во 20 часот


 

Вреди ли да се положи животот за некоја идеја или не. Ова вечно прашање е во сржта на претставата „Падот на Масада“ од нашиот реномиран писател Венко Андоновски, а во режија на Дејан Пројковски, која што утре, на 28 декември во 20 часот премиерно ќе биде изведена во скопскиот Драмски театар.  Андоновски вели дека денес е незамисливо тоа што го сториле Јудејците во Масада (кога меѓу 37 и 31 година п.н.е. кон крајот на првата Еврејско-Римска војна, завршила со масовно самоубиство на 960 луѓе, заб.), да се убијат за да не паднат во рацете на непријателот.

„Денес сме сведоци на суициди кои главно се индивидуални и испровоцирани од лични причини“, вели Андоновски додавајќи дека низ претставата се следи како полека „херојското“ во чинот на самоубиството се претвора во нешто сосема спротивно на херојското.

„Претставата фактички покажува дека човештвото назадува на секој план па дури и во сфаќањето на самоубиството“, вели тој.

Андоновски денеска на прес конференцијата во пресрет на праизведбата на „Падот на Масада“ рече дека му е особено драго што по подолго време повторно има претстава по  негов текст во Драмски театар кој како што нагласи, го смета за него матичен театар.

„Ова е една претстава која поставува едно вечно прашање, а тоа прашање упростено се сведува дали идеите вредат за да се положи животот за нив или не. На таа тема се пишувани многу дела и претстави и романи, а јас се трудев да покажам преку неколку историски пресеци, неколку случаи на масовно и единечно самоубиство. Дури и кога е единечно, направено е поради големи причини“, открива Андоновски.

„Сакам да покажам дека од приказната за самоубиството на жителите на Масада до денес бележиме на некој начин ерозија дури и на поимот самоубиство“, вели тој откривајќи дека во текстот не ги поставил работите да одговори на дилемата дали вреди да се умре за идеја или не вреди.

„Не одговорив на прашањето затоа што сметам дека уметноста треба да поставува, а не да одговара на прашања“, вели Андоновски.

Тој додава дека е познато дека луѓето создаваат идеи, идеите не можат да создадат човек објаснувајќи дека тоа е кажано во претставата при што е оставена една клацкалка која гледачот треба сам да ја реши.

„Меѓу другото, пласирана е и идејата дека секое самоубиство фактички подразбира едно невидливо претходно убиство, а тоа е убиството на човекот во себе. Секој оној кој се самоубива најпрвин мора да го убие човекот во себе. Се разбира дека тоа добива и други длабочини, ако го убие човекот, го убива и божественото во себе и тн. , меѓутоа, сето тоа е поставено во една навидум фрагментирана структура од шест сцени во различни историски периоди и различни видови на самоубиства“, посочува Андоновски.

Заедничкото е, како што нагласи, пораката дека светот полека еродира, влегува во некоја фаза на хаос во која вредностите веќе не се препознаваат и или она што некогаш било вредност денеска станува противвредност.

„Втората идеја е дека и ние, нашата средина не сме изземени од таа ерозија и дека треба сериозно да размислиме дали идеите го заслужуваат нашиот живот, како што не учи дневниот политички колоквијал или како што се вели во претставата, треба човек да легне на ливада и да гледа во облаците. Убавина заради убавина или живот заради вредноста на животот“, вели Андоновски.

Режисерот Дејан Пројковски не го криеше задоволството од работата со, како што рече, прекрасна актерска екипа со која што имал убав креативен процес, обидувајќи се да ги преиспитуваат сите прашања и дилеми кои што ги отвора текстот.

„Единственото место каде што човек може да си поигрува со времето и со просторот е театарот и сцената, така што и концептот за оваа претстава е базиран токму на тоа, театарот и сцената како клуч за патување низ времето и просторот. Од друга страна, секогаш сите општествени системи и промени е многу полесно и поедноставно да се тестираат на сцена затоа што во животот сите тие големи промени многу поскапо го чинат човештвото“, рече Пројковски, додавајќи дека на тој принцип почнале да ја градат претставата, театарот и театралното да ги донесе до еден тотален театар.

„Поигрувајќи се со тоа што е вистина, што е не е, всушност е играта што е она што навистина се случува или што е она што е на сцената како уметнички производ“, рече Пројковски.

Тој се осврна и на дилемата за изборот меѓу доброто и лошото, парафразирајќи аргентински поет според кого разликата меѓу доброто и лошото е како совршените и просечните камбани кои се разликуваат во еден полутон.

„Таква е и разликата меѓу доброто и злото, разликите не се очевидни. Треба човек да биде многу внимателен за да го пронајде ангелското или демонското. Мислам дека претставата се обидува да го пронајде тој полутон и некако да го пронајде, како Диоген среде бел ден, човекот“, посочи Пројковски.

Тој додаде дека тестирајќи ги сите работи, смета дека се отвора најважната тема во претставата, дека живото е само еден и дека во тој живот човек треба да ја најде смислата каде и со кого ќе ги гледа облаците.

Ова, инаку е четврта соработка на Пројковски со Андоновски и прва после „Генетика на кучињата“ како заедничка соработка во Драмски театар.

Екипата која што стои зад претставата „Падот на Масада“, покрај Пројковски и Андоновски, ја сочинуваат Дамјан Димовски, како асистент на режија, сценографијата и костимографијата е на Валентин Светозарев, а музиката е на Горан Трајковски.

Улогите во претставата ги играат Александар Степанулески, Јелена Жугиќ, Рубенс Муратовски, Филип Трајковски и Емилија Мицевска.

Зборувајќи за претставата, Жугиќ меѓу другото рече дека посебен предизвик за актерите било тоа што практично станува збор за шест претстави, и дека тие играат шест различни улоги. Инаку. Жугиќ со оваа претстава одбележува 30 години од нејзиното актерско творештво.

Премиерата на „Падот на Масада“ е утре, на 28 декември, во 20 часот на сцената на Драмски театар. (М.Ј.)