Дали Демократскиот сојуз е е задоволен од програмските определби на Алијансата?

Во објавените определби на АА и на СДСМ главен акцетн е ставен на владеењето на правото и борбата против корупција, но не се споменува дека двете партии ќе се залагаат за промена на уставот, туку дека ќе се продолжи кон членството во ЕУ. Статешкото партнерство со САД е посебно нагласено


Фото: Б. Грданоски

 

По повеќе мешани сигнали околу поддржување на владината коалиција лидерот на Демократскиот сојуз денеска му успрати писмо на премиерот во кое бара јавноста и коалициските партнери да биле информирани за програмските определби на Алијансата за Албанците.

Во писмото што Павле Трајанов го испрати до Димитар Ковачевски претседателот на ДС вели доколку не бидат информирани за ставовите на АА и доколку партијата на Арбен Таравари се „заканува со дестабилизација, радикализација и реорганизација на Македонија, делејќи ги граѓаните по етничка основа околу најавените уставни промени, ние не сме подготвени да поддржиме нов партнер во Владата“.

Трајанов во писмото ги наведува приоритетите за кои ДС се усогласил со СДСМ, но од тоа ништо не е реализирано. Меѓу тие седум приоритети се измената на Изборниот законик со кои Македонија ќе биде една изборна единица; потоа, робусната борба против тешките облици на криминал да се води и преку нова агенција; измена на Уставот со кој судиите веќе немада се амнестирааат од кривична одговорност за донесена одлука и укинување на нивниот траен мандат.

Алијансата за Албанците во текот на денот ги објави своите програмски определби за кои ќе  се залага при влез во Владата. Во нивната декларација објавена преку соопштение се наведени пет точки кои ќе биле камен-темелник во работата на партијата во рамките на владината коалиција. Првата точка е владеење на правото и борбата против корупцијата, градење на независно, ефективно и правично судство, борба против организираниот криминал и корупција, деполитизирана и способна администрација. Втората точка е наречена „Држава за сите“ и во неа се наведува дека партијата ќе се залага за негување и поттикнување на добри меѓуетнички односи, правична и соодветна застапеност во сите области од јавниот живот на граѓаните од сите заедници и елиминација на сите форми на дискриминација. Третата е рамноправен економски и територијален развој, во која велат дека АА е подготвена за неопходните реформи во транзицијата на економијата и финансиите и финансиска децентрализација. Потоа се развојна држава и зелена енергија; како и здрава полулација.         

Подоцна во текот на денот Социјалдемократскиот сојуз ги објави петте точки од договорот за коалициска соработка со Алијансата, кои се истите оние кои претходно ги соопшти партијата на Арбен Таравари. Интересно е што ниту во соопштението на Алијансата за Албанците нито во она на СДСМ не се споменува изрично промената на Уставот и внесувањето на Бугарите за да почнат преговорите по поглавјата. Алијанса наведува само дека ќе се залага за максимална посветеност за остварување на стратегиската државна цел: полноправно членство во Европската унија, како и за поддршка на стратегиското партнерство со САД и унапредување на добрососедските односи. Додека СДСМ нагласува дека двете партии ќе дадат поддршка на стратешкото партнерство со САД, на одлуките и реформите за продолжување на европскиот пат и остварување на полноправно членство во ЕУ. Ни збор дека ќе мора да се работи на измена на Уставот оваа година.

Дали овие определби за влегувањето на Алијансата во Владата ќе бидат доволни за Павле Трајанов би требало да се дознае в понеделник, кога ќе се расправа и гласа за владината реконструкција.